сабота, 25. септември 2021. Вести денес: 118
home Вести

ЕК смета дека Социјалниот Климатски Фонд ќе им помогне на најранливите

ЕК смета дека Социјалниот Климатски Фонд ќе им помогне на најранливите

Европската комисија одговори на критиките дека Климатскиот план предложен денеска највеќе ќе ги погоди најранливите и најсиромашните категории граѓани, јави дописничката на МИА од Брисел.

Планот презентиран денеска во Брисел предвидува Социјален Климатски Фонд кој треба да ги поддржи најранливите со 72,2 милијарди евра за земјите членки за периодот 2025-2032. Со дополнителни финансии од земјите членки, Европската Комисија се надева да постигне 144 милијарди евра за “социјално фер транзиција“.

На новинарско прашање дали Европската Комисија смета дека ова се доволно пари за да се поштедат најранливите и да се избегнат протести како оние на Жолтите Елеци во Франција, кои започнаа токму поради енергетски оданочувања, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен одговори дека е задоволна со предлогот.

-Денеска е веќе тешко за некои луѓе да ги платат сметките за енергија и мобилност, прво одговараме на тоа прашање со креирањето на Социјалниот Климатски Фонд кој е направен по мерка за тоа прашање. Социјалниот фонд не само што ќе насочи поддршка туку и инвестиции и иновации, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека со развојот на нови технологии како електричните возила природно цените ќе се намалат кога производството ќе порасне.

Таа оцени исто така дека Социјалниот фонд не е единствениот извор на финансиска поддршка, бидејќи земјите членки го имаат на располагање и Фондот за заздравување, поднесен по почетокот на кризата со Ковид-19.

-Не смееме ни да ја изгубиме од вид перспективата за намалување на карбон бидејќи тие кои највеќе страдаат од тоа се тие со најмали приходи, рече фон дер Лајен.

Коронавирус