сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 107
home Вести

ЕК предлага измени за партиското рекламирање и заштитата на новинарите

ЕК предлага измени за партиското рекламирање и заштитата на новинарите

Европската комисија денеска ги претстави своите намери за идните законски предлози за зајакнување на демократијата во Европска Унија.

Предвидено е во следните години да се воведе транспарентност во политичкото рекламирање, како и начини за спречување на дезинформациите и помош на регионалните и аудиовизуелните медиуми. ЕК ќе предложи правила за одговорноста на огласувачите, на политичките советници и на платформите за дистрибуција, како и новите правила за финансирање на европските партии.

ЕК следната година ќе препорача мерки за безбедност на новинарите и нивна заштита од судски постапки, а ќе има и дополнителни мерки за зголемување на транспарентноста за сопственоста на медиумите и државното рекламирање. Комисијата ќе предложи и парични казни за оние кои шират дезинформации.

ЕК соопшти дека денеска усвоила план за поддршка на закрепнување и трансформација на аудиовизуелните медиуми погодени од пандемијата со Ковид-19. Предвидено е да се олесни и прошири пристапот до финансии, како и да се обезбедат 20 проценти од средствата на ЕУ за економско закрепнување за дигиталните технологии.

Предвидено е медиумите да имаат можност за финансирање од ЕУ, како и пристап до 400 милиони евра до 2027 година за нивна поддршка. ЕК објави дека пандемијата ги намалила приходите од рекламирање во медиумите од 30 до 80 проценти.

Коронавирус