сабота, 4. јули 2020. Вести денес: 30
МЕГА БОМБА

Нова аудио бомба: Што мисли Заев за Црвенковски и колку е Заев богат?

home Вести

ЕК предлага 14,5 милијарди евра претпристапни фондови за буџетот 2021-2027

ЕК предлага 14,5 милијарди евра претпристапни фондови за буџетот 2021-2027

Европската Комисија денеска го презентираше предлог буџетот 2021-2027 во делот на надворешната политика и проширувањето. За земјите од западниот Балкан и Турција се предвидуваат 14,5 милијарди евра, предлог кој треба да го прифатат Европскиот Парламент и Советот на ЕУ, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Новиот претпристапен инструмент (ИПА 3) што ја покрива финансиската помош за земјите кои имаат перспектива за членство во ЕУ, за периодот 2021-2027 би требало да изнесува вкупно 14,5 милијарди евра, доколку предлогот на Европската Комисија биде прифатен од земјите членки и европратениците.

Ова претставува “значително зголемување“ на Европската Комисија во споредба со претходниот седумгодишен буџет за проширувањето, што изнесуваше 12,8 милијарди евра.

-Предложивме да се вратиме на првичната стапка на поддршка предложена во 2018 година, предлагаме повторно 14,5 милијарди евра во рамките на повеќегодишната финансиска рамка, изјави еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

Новиот претпристапен инструмент за разлика од претходните ќе биде повеќе фокусиран на приоритети и проекти наместо индивидуални износи по земја. Со ова треба на Европската Унија да и се даде поголема улога во претпристапните фондови, а земјите кандидати ќе бидат под притисок да презентираат појасно обработени проекти и за да дојдат до фондови, фондовите ќе се доделуваат повеќе според перформансот и реформскиот напредок на патот кон нивното членство во ЕУ, објаснуваат од Европската Комисија.

Што се однесува до Турција, Комисијата уверува дека ИПА ќе биде “доволно флексибилна“ за да ги одразува промените во односите со Анкара.

Во меѓувреме, со оглед на тоа дека Европската Унија сѐ уште не го изгласала буџетот за периодот 2021-2027, Европската Комисија предлага тековниот претпристапен инструмент да се зајакне со дополнителни милијарда евра во наредните недели.

Наесен Комисијата треба исто така да предложи “значајна алатка“ за западниот Балкан фокусирана на енергијата, транспортот и поврзувањето на земјите од регионот, а ќе се работи и на интеграција на регионот во европската дигитална агенда, најави комесарот, изразувајќи надеж дека и Советот и Парламентот ќе дадат зелено светло.

Европската Комисија вели дека треба посебна поддршка да му се даде на регионот, но и на останатите соседи јужно и источно од ЕУ за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот.

За прв пат западниот Балкан ќе биде вклучен и во Европскиот фонд за одржлив развој (ЕФСД) кој за сега важеше само за земјите покриени со соседската политика на ЕУ како и супсахарска Африка. ЕФСД е инструмент што обезбедува гаранции и мешавина на ЕУ грантови и банкарски заеми за да ја помогне имплементацијата на реформите и развојот на земјите партнери на Унијата.

На располагање е и Гаранцијата за надворешна акција на ЕУ која ги покрива гаранциите од ЕФСД инструментот, плус макрофинансиски заеми за владите и чија цел е специфично таргетирање на одредени сектори.

Европската Комисија предлага сите инструменти наменети за партнерските земји значително да се зајакнат финансиски, со вкупен буџет од 132,6 милијарди евра.

-Со овој предлог ќе ги имаме сите потребни алатки за таргетирање на инвестициите во клучните економски сектори, влевање ликвидност во малите и средните компании и обезбедување макрофинансиска помош. Ќе можеме конкретно да го поддржиме заздравувањето, да го поттикнеме развојот и потребните реформи, додаде Вархеји.

Парламентарни избори 2020