недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 69
home Вести

Доктор откри загрижувачка информација: Излечените од корона многу тешко ги враќаме во нормален живот

Доктор откри загрижувачка информација: Излечените од корона многу тешко ги враќаме во нормален живот

Трагичните слики од Италија пролетва го обиколија светот, кој доби сериозен доказ што може да направи новиот коронавирус. Освен илјадниците нови случаи и десетиците починати секој ден, таа земја до денес има околу 200 илјади луѓе кои го прележале Ковид-19.

Од вкупниот број на заразени починале 15 отсто, а сè уште не се знае со какви последици по здравјето се соочуваат сите оние кои успеале да се изборат со вирусот. Во моменти кога короната и понатаму пустоши по светот, а приоритет е превенција и изнаоѓање вакцина, последиците за оние кои го прележале вирусот, се чини дека допрва ќе се согледуваат.

Во Италија веќе го почнаа тоа. Имено, токму поради големите трауми кои ги доживеаја борејќи се со овој вирус, тамошните експерти забележаа какви последици им остава Ковид-19 на излечените. Дека на здравствениот систем на Италија набрзо ќе му биде потребен посткорона оддел беше јасно многу брзо, вели за „Вечерњи лист“ доктор Пиеро Клаварио, кардиолог и специјалист по физикална медицина од болницата ASL3 во Џенова.

– Вообичаено се грижиме за кардиолошките пациенти по акутната фаза, или поради акутните коронарни синдроми или по кардиолошките операции. Брзо по почетокот на епидемијата на Ковид-19 сфативме дека порано или подоцна ќе мораме да се грижиме и за преживеаните од Ковид-19. Во исто време нашиот диспанзер беше затворен и одлучивме да го пренамениме кардиолошкиот рехабилитациски центар во центар за проценка и евалуација на оние кои го прележале Ковид-19 – објаснува лекарот, инаку водител на кардиолошката рехабилитација во споменатата болница во Џенова.

Таквите центри или барем некаков облик на организирана медицинска нега евидентно ќе бидат потреба во другите земји и уште сега се зборува за посткорона синдромот. Како тој синдром се манифестира, сведочи лекарот Клаварио и неговите соработници, кои поради искуството со епидемијата во Италија очекувале дека им следува борба со последиците за белите дробови кај излечените од оваа болест.

-Повеќето италијански лекари се плашеа од хроничните белодробни последици и досега ги видовме во одреден број, но не онолку колку што очекувавме. Главното прашање е дали луѓето по Ковид-19 се чувствуваат нормално или нивните капацитети се редуцирани и зошто. Одговорот е дека повеќето имаат симптоми, и психолошки, и околу 15 отсто од нив имаат посттравматско стресно нарушување. Повеќето имаат намалени функционални капацитети, намалени капацитети за вежбање и тоа е главната причина за губење на сила во мускулите, објаснува лекарот.

Тој додава дека покрај помалиот број последици кои вирусот ги оставил на белите дрободи од очекуваното, пациентите едноставно не се чувствуваат добро, а тој според досегашното искуство тоа го припишува на губењето сила и проблемите со мускулите. Вели дека добрата вест е што за време на рехабилитацијата можат многу брзо да се опорават и додава дека луѓето треба да се предупредат дека по инфекција со коронавирусот може да се чувствуваат полошо, но дека тоа нема да трае засекогаш.

Коронавирус