понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 146
home Вести

Дистрибуција на вакцини против коронавирус во ЕУ од утре

Дистрибуција на вакцини против коронавирус во ЕУ од утре

Првите испораки на вакцината за коронавирус во Европската унија може да започнат од утре, соопшти германскиот производител на вакцини „БиоНТех“.

– До крајот на годината, 12,5 милиони дози ќе бидат подготвени за Унијата, изјави директорот за продажба на компанијата Шон Марет.

Вакцините се чуваа во фабриката на американскиот партнер на „БиоНТех“, „Фајзер“, во Пурс, Белгија.

– Вакцините треба да бидат во секоја земја-членка до сабота, така што вакцинациите може да почнат в недела, рече финансискиот директор на „БиоНТех“, Сиерк Поетинг.

Извршниот директор, Угур Сахин денеска изјави дека нивната вакцина ќе биде исто така ефикасна против новиот вид коронавирус, што е потврден во Велика Британија и во неколку други земји.

Германскиот институт Роберт Кох денеска соопшти дека новиот вид на вирусот најверојатно веќе пристигнал во Германија, иако засега нема лабораториски докази.

– Веројатноста дека е веќе во Германија, но се уште не е потврдена, е многу, многу голема, рече претседателот на Институтот, Лотар Вилер.

Тој додаде дека новиот вид бил откриен во Велика Британија за првпат во септември и дека веќе постојат докази дека се проширил во соседните земји како Холандија и Данска.

Вилер исто така верува дека одобрената вакцина, според достапните податоци, ќе обезбеди ефикасна заштита и од тој вид.

Коронавирус