четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 15
home Вести

Детали за апсењето на Саркози

Детали за апсењето на Саркози

Француската полиција денеска го приведе на распит поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози во рамки на истрагата за илегално финансирање на неговата предизборна кампања.

Како што јави АФП, истрагата се води околу сомнежите дека за време на претседателските избори во Франција во 2007 година, кампањата на Саркози била илегално финансирана од Либија.

Саркози е приведен, откако досега неколкупати одбиваше да се јави на поканата за распит во случајот што беше актуелизиран лани во ноември, кога еден бизнисмен признаа да „испорачал три куферчиња“ од либискиот лидер, како негов придонес за кампањата на поранешниот француски претседател.

Според извори во француската полиција, во врска со истиот случај денеска бил сослушан и поранешниот министер Брис Ортефо, кој беше член на Владата на Франција во време на претседателскиот мандат на Саркози.

Распитот на 63-годишниот Саркози се спроведува откако во јануари во врска со овој случај во Лондон беше уапсен неговиот поранешен соработник Александар Џури.

Џури, кој беше приведен по налог издаден од Франција, минатиот месец беше ослободен со кауција. Неговото сослушување е закажано за 28 март.

Налогот за приведување на Џури, кој живее во Швајцарија, беше издаден во рамки на истрагата започната во 2013 година врз основа на обвинувањата на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи и неговиот син Сеиф ал-Ислам дека ја финансирале изборната кампања на Саркози.

Саркози од своја страна тогаш ги отфрли ваквите тврдења, оценувајќи дека либискиот режим му е лут поради неговата улога во соборувањето на Гадафи од власт.

Меѓутоа, истрагата беше актуелизирана откако францускиот бизнисмен со либанско потекло Зиад Такиедин во едно интервју изјави дека кон крајот на 2006 и почетокот на 2007 година во три наврати пренел готовина за потребите на изборната кампања на Саркози.

Според него, при секоја „испорака“ во куферчињата што ги носел имало меѓу 1,5 и два милиони евра во банкноти од по 200 и 500 евра. Такиедин тврди дека парите му ги дал лично тогашниот шеф на либиската разузнавачка служба Абдалах Сенуси.

Саркози беше претседател на Франција од мај 2007 до мај 2012 година, Тој се бореше за втор мандат и на претседателските избори во 2012 година, но беше поразен од Франсоа Оланд. Саркози планираше да учествува и на изборите минатата година, но претрпе пораз на внатрепартиското гласање во неговата конзерватива партија Републиканци.

Коронавирус