четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 187
home Вести

Десетгодишнина од руско-грузискиот конфликт

Десетгодишнина од руско-грузискиот конфликт

Денеска се навршуваат десет години од почетокот на руско-грузискиот вооружен конфликт во 2008 година, кој заврши со склучување примирје меѓу Москва и Тбилиси со посредништво на ЕУ, јави ДПА.

По тој повод, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини го осуди руското воено присуство во грузиските сепаратистички региони Јужна Осетија и Абхазија, оценувајќи дека тоа претставува кршење на меѓународното право и на договорот за примирје.

Во исто време, Могерини ги пофали напорите на Грузија за изградба на демократски институции, зајакнување на владеењето на правото и за привлекувањето на директни странски инвестиции.

Од друга страна, рускиот премиер Дмитриј Медведев оцени дека со договорот за примирје, Русија ја постигнала нејзината основна цел – мирот.

– Русија повеќе не стравува од нови немири. Ги заштитивме нашите граѓани, изјави Медведев во интервју за „Комерсант“, алудирајќи на етничките Руси што живеат во Јужна Осетија и Абхазија.

Медведев сепак предупреди дека ако Грузија се приклучи кон НАТО, тоа може да предизвика „ужасен конфликт“. – Таквата одлука би била целосно несфатлива, додаде Медведев.

(Миа)

Коронавирус