сабота, 6. јуни 2020. Вести денес: 98
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Вести

Денеска средба Макрон – Мицотакис во Париз

Денеска средба Макрон – Мицотакис во Париз

Случувањата во источниот Медитеран, меморандумот меѓу Турција и Либија, прашањата што се однесуваат на ЕУ како што е повеќегодишната финансиска рамка, климатските промени, билатералните прашања, но и перспективата за проширување на ЕУ со Западен Балкан, ќе бидат темите за кои ќе разговараат грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и францускиот претседател Емануел Макрон на нивната денешна средба во Париз, како што вчера соопшти портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Мицотакис ќе се обиде да го убеди Макрон да го промени ставот за Северна Македонија и Албанија, земајќи ги предвид француските позиции од една и грчките иницијативи за поддршка, од друга страна, Пецас рече дека Мицотакис ќе ја презентира грчката позиција и изрази надеж дека Париз ќе направи чекори кон подобар резултат на следниот самит на ЕУ во март.

-Мислам дека е уште една можност да ја покаже волјата на Грција, координирано да одиме напред со проширувањето со земјите од Западен Балкан, бидејќи ова е во интерес и на овие земји, но и на самите земји. Ќе ја презентираме оваа рамка и се надеваме дека и од она што го видовме во претходниот период, дека и Франција е расположена да направи чекори кои ќе одведат до подобар резултат на следниот Европски совет во март, рече Пецас.

Во однос на останатите теми на денешната средба Макрон – Мицотакис, што е втора за пет месеци, според грчки владини извори, се очекува премиерот на Грција да изрази задоволство за поддршката на Франција по последните провокативни дејствија на Турција и одново да ја потврди волјата на Атина за продолжување и продлабочување на соработката меѓу двете земји, на сите нивоа, политичко, одбранбено и економско.

По средбата со Макрон, закажана за 13.30 часот, Мицотакис ќе има средби со француски бизнисмени во рамките на грчко – францускиот форум „Грција, стратешки фактор во Југоисточна Европа. Довербата одново се раѓа“.

Мицотакис, од Париз ќе замине за Брисел каде што во вечерните часови ќе има работна вечера со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а според грчки владини извори, главната тема ќе биде повеќегодишната финансиска рамка за 2021-2027.

Коронавирус