недела, 25. октомври 2020. Вести денес: 47
home Вести

Дел од западните земји бараат ембарго за продажба на оружје на Саудиска Арабија

Дел од западните земји бараат ембарго за продажба на оружје на Саудиска Арабија

Откако саудиските власти во саботaта соопштија дека саудискиот новинар Џамал Кашоги е убиен во тепачка во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, дел од западните држави побараа да се стопира продажбата на оружје за Ријад.

Германскиот министер за економија Петер Алтмајер денеска изјави дека Европска унија треба да има единствен став за прекин на извозот на оружје во Саудиска Арабија по убиството на новинарот Џамал Кашоги.

– Само ако сите европски земји заземат единствен став тоа ќе ги импресионира саудиските власти. Нема да има никави позитивни последици, ако Германија го стопира извозот на оружје, а истовремено другите држави ја пополнат таа празнина, посочи Алтмајер.

Германската канцеларка Ангела Меркел синоќа најави дека Германија нема да дозволи извоз на оружје за Саудиска Арабија се додека не се разјасни што се случило со саудискиот новинар.

– Прво, го осудуваме овој чин на најстрог можен начин. Второ, неопходно е брзо да се разјасни што се случило – далеку сме од тоа дека случајот е разјаснет и дека извршителите одговараат за тоа што го направија, посочи Меркел.

Таа додаде дека извозот на оружје за Саудиска Арабија „нема да се случи под моменталните околности“.

Според податоци на германското Министерство за економија, Владата во Берлин годинава одобри продажба на оружје на Саудиска Арабија во вредност 416,4 милиони евра, со што Кралството е втор по големина купувач по Алжир.

Во меѓувреме и канадскиот премиер Џастин Трудо најави дека е можно Отава да го прекине извозот на оружје за Саудиска Арабија.

Тој наведе дека Договорот за продажба на оклопни возила на Ријад содржи клаузула за нивната употреба.

– Ако не се придржуваат до Договорот, тој ќе биде раскинат, посочи Трудо.

И белгиските власти денеска навестија дека планираат да го стопитраат извозот на оружје во Саудиска Арабија.
За тоа прашање ќе одлучуваат властите во Валонија и федералната Влада. Саудиска Арабија минатата година беше најголем клиент на валонскиот воено индустриски комплекс. Ријад купи оружје во вредност од 153 милиони евра.

Додека американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела повеќе пати изјави дека е против какви било ситуации кои ќе го доведат под знак прашалник договорот за продажба на оружје на Саудиска Арабија, вреден над 100 милијарди долари.

Но, тој синоќа посочи дека наскоро ќе разговара со саудискиот принц Мухамед бин Салман за тоа дали Саудиска Арабија ќе сноси последици поради убиството на Кашоги.
Трамп наведе дека за тоа прашање првенствено ќе се консултира со американскиот Конгрес.

Кашоги на 2 октомври го посети Генералниот конзулат на Саудиска Арабија за да набави документи што му биле потреби за венчавка со турска државјанка, по што му се губи секоја трага.

Провладниот турски весник „Јени шафак“ денеска објави дека саудискиот принц Мухамед бин Салман телефонски разговарал со Кашоги, непосредно пред тој да биде убиен и наводно распарчен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.

– Кашоги пред кобната несреќа беше во посета на Саудискиот конзулат, каде бил пристојно пречекан, понуден со чај, а потоа му беше закажана следна посета за да ги добие документите за венчавката. Кога другиот пат пристигнал во посета му беше поставена замка, наведува „Јени шафак“.

Според весникот, Кашоги во Конзулатот бил задржан на сила и му пружиле телефон.

– Кашоги беше фатен од саудиски тим во зградата на Конзулатот, а потоа принцот Мухамед разговараше со Кашоги по телефон и го замоли да се врати во Ријад. Тој ја одби понудата на принцот, ставувајќи оти ќе биде уапсен и убиен ако се врати во Саудска Арабија, по што тој е убиен, наведува турскиот весник.

Коронавирус