недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 78
home Вести

Данска ќе откопува неколку милиони мртви визони

Данска ќе откопува неколку милиони мртви визони

Милиони визони ќе бидат откопани од масовните гробници во Данска откако некои од мршите се појавиле на површината од земјата, предизвикувајќи поплаки од жителите за можни здравствени ризици, соопшти вчера данската Влада.

На почетокот на ноември властите во оваа земја одлучија да се уништи целата популација на визиони, од околу 17 милиони единки, кои се наменети за врвната модна индустрија, откако беше откриено дека стотици фарми имаат коронавирус, а властите пронајдоа мутирани видови на вирусот и меѓу луѓето.

Но, од четири милиони визони, кои набрзина беа закопани во воена област во западна Данска, некои наскоро почнаа да „излегуваат“ од песочкливото тло поради гасовите во процесот на распаѓање.

Властите тврдат дека не постои ризик од ширење на вирусот од гробниците, но жителите се пожалија на потенцијалниот ризик од загадување на водата за пиење и за капење во езерото што се наоѓа на помалку од 200 метри од масовните гробници.

Данска беше најголем извозник на визони за луксузните модни брендови, а побарувачката за нивното крзно беше голема и поради високите стандарди за одгледување.

Владата денеска доби поддршка во парламентот за ископ на трупови, се наведува во соопштението од Министерството за храна и земјоделство.

Министерството соопшти дека откопувањата ќе почнат дури во мај следната година, кога ќе се елиминира ризикот од контаминација на мртвите животни од Ковид-19.

Животните, планирано е, да се превезат со камиони до блискиот отпад, каде ќе бидат согорени.

Коронавирус