среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 158
home Вести

Дали е Брисел новото европско жариште?

Дали е Брисел новото европско жариште?

Дневниот просек на новозаразени со вирусот ковид-19 во последната една недела во Брисел изнесува 2.305, односно 340 инфицирани на 100.000 жители, пренесува Вијести.ме.

Станува збор за пораст од 460 инфицирани на ден во однос на средината на септември со што Брисел е најголемо жариште на епидемијата во Белгија.

Цела Белгија заради драстичниот пораст на новозаразени минатата недела е ставена во „црвената“ зона на ЕУ ковид-19 мапата со предупредување за „висок ризик“ од зараза.

Истовремено, Советот за државна безбедност одлучи од 1 октомври да ги намали постоечките рестриктивни мерки така што Белгијците веќе нема да мораат да носат маски насекаде, а траењето на задолжителниот карантин од 14 дена се намали на 7 во случај на негативен тест.

Белгиските државни власти таквите мерки ги образложуваат со потребата на воведување на стратегија која ќе биде „одржлива на долг период“, а која подразбира „што е можно повеќе нормализирање на постоечката ситуација“ и животите на граѓаните во состојба кога не се гледа крај на пандемијата. Од друга страна, властите во Брисел воведоа построги мерки од оние кои важат на државно ниво.

Граѓаните мораат да имаат заштитна маска со себе, која ќе мора да се носи доколку се наоѓаат во поголема група на улиците.

Работното време на баровите е скратено, забранети се собири на повеќе од 10 лица меѓу 23:00 и 06:00 часот, а сите продавници за храна и пијалоци мораат да бидат затворени до 22 часот.

Во Белгија од почетокот на епидемијата има вкупно 112.803 потврдени случаи на зараза со коронавирус.

Коронавирус