сабота, 16. октомври 2021. Вести денес: 46
home Вести

Бројот на заразени низ Европа се зголемува, Албанија забрани одење пеш после 18 часот

Бројот на заразени низ Европа се зголемува, Албанија забрани одење пеш после 18 часот

Бројот на заразени во Албанија со КОВИД 19 се искачи на 51. Деветмина од тестираните во последните 24 часа се позитивни на тестот на пандемијата.

„Од потврдените позитивни случаи, во Драч има 5 случаи, во Тирана 34, во Лушња 2 случаи, во Елбасан 2, во Фиер 6 и во Рогожина 2. Од нив 20 се хоспитализирани на Инфективната болница од Тирана, Драч, Фиер и Рогожина. Три лица се на интензивна нега, од кои едно лице е на респиратор“, Мира Ракацоли, заменик министер за здравство на Албанија.

Иако сè уште нема прогласено вонредна состојба, Албанија спроведува строги мерки за да го спречи ширењето на коронавирусот. По привременото затворање на границите со соседните земји, од денеска забрането е пешачење по 18 часот и стапуваат во сила казни за пешаците и за оние кои ќе седат во парковите или на други отворени места низ цела Албанија. Во меѓувреме, бројот на заразени во Косово се зголеми на 13, по четирите нови случаи.

„Синоќа врз основа на резултатите од тестовите беа потврдени четири нови позитивни случаи со КОВИД-19. Сите четири случаи се од селото Стубла, Витина, блиски роднини на пациентот дијагностициран со КОВИД-19 позитивен на 13.03.2020 година. Целото семејство беше во самоизолација, а Националниот институт за јавно здравје ги тестираше и другите семејства“, Арбен Витиа, министер за здравство на Косово.

Покрај другите мерки за да се спречи ширењето на вирусот, како што се затворање на границите во многу светски држави или затворање на локали, властите во Косово презедоа и казнени мерки против 30 фирми поради покачување на цените. Европа останува епицентарот на пандемијата. Во последните 24 часа најголем пораст на бројот на заболени има Шпанија, над 1.200 и 5 нови смртни случаи, во Германија има околу 800 нови заразени. Ситуацијата во Франција, исто така, станува сè позагрижувачка.

Бројот на заболени двојно се зголемува на секои три дена, па сега во Франција има над 5.400 инфицирани и над 120 смртни случаи. Затворени се сите локали и училишта. Италија викендов забележа најголем број на дневни смртни случаи од почетокот на кризата, 368 починати за само еден ден.

Нови случаи се забележани и во САД, Норвешка, Белгија, Австрија, но драматична е ситуацијата и во Иран со 129 дневни смртни случаи и над 1.000 нови заболени. На глобално ниво заразени се преку 174.500 луѓе. Од нив 77.800 се излекувани, а над 6.600 починаа.

Коронавирус