сабота, 18. септември 2021. Вести денес: 75
home Вести

Брнабиќ: Само преку дијалог можеме да дојдеме до договор

Брнабиќ: Само преку дијалог можеме да дојдеме до договор

Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ денеска на Преспа форумот во Охрид изјави дека регионот на Западен Балкан треба да продолжи со евроинтеграциите, но исто така и дека фокусот треба да биде ставен на соработката што може да го подобри квалитетот на животот на граѓаните, соопштија од српската Влада.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ изјави дека денешното укинување на роамингот е една од конкретните работи од кои граѓаните имаат корист, посочувајќи дека треба да се имаат предвид тешките политички прашања, како што е дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека има толку многу други работи што можат да се направат за граѓаните.

-Тоа им го должиме на идните генерации, рече Брнабиќ, додавајќи дека продолжувањето на кавгата во регионот никому не му носи добро.

Србија е во специфична позиција, кога зборуваме за соработката со ЕУ и САД, станува збор за евро-атлантските интеграции. Србија е земја посветена на евроинтеграциите, а не на атлантските интеграции, додаде таа, на панелот, чија тема беше синергијата на Европската унија и САД.

– Ние сакаме членство во ЕУ, но не и во НАТО, ние сме воено неутрални, но имаме одлична билатерална соработка со САД, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека продолжуваат со работата во процесот на европските интеграции. – Но, сè повеќе ставаме акцент на регионалната соработка и на она што можеме да го направиме за да го подигнеме квалитетот на животот на нашите граѓани, истакна Брнабиќ.

Според неа, дијалогот е важен и само преку дијалог може да се постигне договор, „да го оставиме минатото на минатото и да се свртиме кон иднината“.

– Имаме тешки политички решенија, пред сè мислам на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но има многу тоа што можеме да направиме за нашите граѓани, оставајќи ја политиката настрана, рече српската премиерка, додавајќи дека „ако не го сториме тоа, луѓето што ги гледате овде ќе бидат единствените во регионот кои ќе останат и ќе продолжат да се расправаат“.

„Кога зборуваме, пред сè, за Северна Македонија, веќе не станува збор за европски вредности, напредок во клучните области како што е владеењето на правото, туку сега се поставуваат билатерални прашања – лингвистика и историја, толкувања и така натаму. Србија и Северна Македонија продолжуваат да бидат силни партнери во регионалната соработка“, објави денеска српската премиерка Ана Брнабиќ на својот Инстаграм профил по повод Преспа форумот на кој учествува во Охрид.

Коронавирус