понеделник, 30. ноември 2020. Вести денес: 95
home Вести

Британската Влада апелира до граѓаните да учествуваат во клиничките испитувања за вакцината против Ковид-19

Британската Влада апелира до граѓаните да учествуваат во клиничките испитувања за вакцината против Ковид-19

Британската Влада апелира до граѓаните да помогнат во забрзување на истражувањата за вакцината против коронавирусот со нивно доброволно учество во клиничките испитувања, пишува „Гардијан“.

Министерот за економија, Алок Шарма, во колумна објавена во денешниот „Дејли мејл“ ги повика волонтерите да учествуваат во клиничките испитувања. Тој рече дека целта е да се забрза истражувањето за вакцината, за што е можно поскоро да се стави крај на пандемијата.

Претходно неделава, прелиминарните тестови на вакцината, развиени од тим на научници од Универзитетот Оксфорд, покажаа дека вакцината е безбедна и предизвикува имунолошки одговор. Овие резултати се ветувачки, но се уште е рано да се каже дали вакцината обезбедува заштита од заразата.

Шарма кажа дека во изминатите неколку месеци, економијата во Велика Британија е рестартирана, со претпазливост и преземање на сите неопходни мерки за заштита, што го оцени како исклучително важен чекор.

„Единствениот начин да се победи Ковид-19 еднаш засекогаш и да се врати економијата во нормала, како и животот на луѓето, сепак, е да се откријат безбедни и ефикасни вакцини“, посочи британскиот министер.

Во Велика Британија има речиси 300.000 лица со дијагностициран коронавирус, а над 45.000 пациенти умреа од Ковид-19.

Коронавирус