недела, 11. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Брисел не се противи земјите членки сами да купуваат вакцини

Брисел не се противи земјите членки сами да купуваат вакцини

Брисел не се противи земјите членки да водат преговори со други производители на вакцини, одговорија денеска портпаролите на Европската Комисија на новинарско прашање.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, иницијативите на поединечни земји членки да преговараат за вакцини на своја рака не е спротивно на правилата на ЕУ сѐ додека не станува збор за преговори со производителите на вакцини покриени од стратегијата на ЕУ за вакцини.

Австрија и Данска најавија дека ќе се свртат кон Израел за вакцините од втора генерација поради бавниот процес во ЕУ.

На денешниот брифинг во Европската Комисија портпаролите изјавија дека земјите членки се слободни да преговараат надвор од рамките на ЕУ, но нагласуваат дека процесот ќе се забрза.

-Имаме стратегија за вакцини со шест компании и преговараме со две други, она што е зад овие преговори е дека ние заедно преговараме, земјите членки и Европската Комисија, и не треба да има паралелни преговори со производителите покриени во оваа стратегија, но за оние што се надвор од стратегијата ништо не ги спречува земјите членки на ЕУ да дискутираат за други вакцини, изјави Стефан Де Керсмакер, портпарол за здравство.

Надвор од ова Европската Комисија одбива да ги коментира изјавите на официјални лица од земјите членки за ефикасноста на процесот на вакцинација во ЕУ и нагласува дека до ова лето е уверена дека ќе се постигне целта да биде вакцинирано 70 отсто од возрасното население во ЕУ.

Европската Комисија инсистира исто така дека Европската агенција за лекови дава гаранции за ефикасноста и безбедноста на вакцините што ги одобрува.

Коронавирус