среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 124
home Вести

Бремена жена го спасила сопругот од напад на ајкула

Бремена жена го спасила сопругот од напад на ајкула

Бремена жена скокнала во морето на Флорида Кис за да го спаси сопругот од напад на ајкула.

Според полицијата, Ендру Чарлс Еди (30) тргнал да нурка во близина на гребенот Сомбреро во неделата, но скоро веднаш откако влегол во водата бил нападнат и каснат од ајкула.

Неговата сопруга Маргот Дјукс-Еди ја видела грбната перка на ајкулата и крвта на нејзиниот сопруг, па веднаш скокнала во морето и се нурнала „без двоумење“, соопштија официјалните лица.

Откако го извлекла сопругот на безбедно, другите членови на семејството повикале брза помош. Лекарите со хеликоптер го префрлиле во болница во Мајами, каде му била укажана помош , поради тешка повреда на рамото, пишува Би-Би-Си.

Вработениот во брзата помош, Рајан Џонсон изјавил за локалните медиуми дека Еди бил во „критична состојба“ кога брзата помош пристигнала на местото на настанот.

Брачна двојка од американската држава Џорџија одмарала со своето семејство на Флорида и заедно пловеле со приватен брод. Додека Еди влегувал во вода, неколку членови на неговото семејство веќе нуркале со маски.

Сведоците на инцидентот подоцна пријавија дека порано во текот на денот виделе ајкула долга од два до три метри.

Флорида има најголем број напади на ајкули во светот, со 21 пријавен случај само во 2019 година.

Коронавирус