сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 104
home Вести

Болтон: Европа скапо ќе плати ако му помогне на Иран да ги избегне санкциите

Болтон: Европа скапо ќе плати ако му помогне на Иран да ги избегне санкциите

Џон Болтон, советникот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, ги предупреди европските држави дека ќе има сериозни последици по нив доколку му помогнат на Иран да ги избегне американските санкции.

– Скапо ќе платите, изјави Болтон на средба на организација која се противи на иранската нуклеарна програма.

Санкциите на САД треба повторно да стапат во сила во ноември, но за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк европската дипломатка Федерика Могерини организираше средба на Франција, Велика Британија, Германија, Русија и Кина со цел да разгледа дали овие земји можат да создадат одделен платежен систем за да префрлаат пари во Иран без да бидат подложни на санкциите на САД.

– Ќе го следиме развојот на оваа нефункционална структура за која немаат ни рок за нејзино активирање. Не планираме да дозволиме Европа или  кој било друг да ги избегне нашите санкции, истакна Болтон.

Администрацијата на Трамп обвинува дека Иран ги искористил приходите од продажба на нафта во изминатите неколку години, откако претседателот Барак Обама ги ублажи санкциите против оваа земја, за да ги ескалира војните во Сирија и во Иран. Поради тоа, Трамп соопшти дека Иран не го почитува Договорот за замрзнување на нуклеарната програма и нареди повторно воведување на санкциите, но другите земји потписнички на Договорот сакаат тој да остане во сила.

И државниот секретар на САД Мајк Помпео, кој учествуваше на истиот собир во Њујорк, изјави дека е „длабоко разочаран“ од планот на трите европски држави, Русија и Кина.

– Ова е една од најсериозно непродуктивните мерки што може да се замислат за регионалниот мир и стабилност. Со ова Иран би се зацврстил во позицијата на водечка држава – поттикнувач на тероризмот, изјави Помпео, кој посочи на неодамнешниот напад врз американскиот конзулат во ирачкиот град Басра како на дело на проирански групи.

МИА

Коронавирус