сабота, 26. септември 2020. Вести денес: 92
home Вести

Билансот на жртви по пукањето на брана во Бразил се зголеми на 58

Билансот на жртви по пукањето на брана во Бразил се зголеми на 58

Бројот на загинати лица по пукањето на рударската брана во југоистичниот дел на Бразил се зголеми на 58, соопшти портпаролот на Агенцијата за цивилна одбрана на државата Минас Гераиш, Флавио Годино.

Според него, се очекува бројот на жртвите да се зголемува.

Бразилските власти донесоа одлука за времен прекин на потрагата по преживеани по трагедијата предизвикана во петокот по попуштањето на рударска брана во близина на местото Виља Феретко, поради опасност од пукање и на втора брана во истиот рудник за железна руда.

Поради опасноста од попуштање на втората брана, властите на бразилската сојузна држава Минас Гераиш, на чија територија се наоѓа рудикот, наредија и евакуација на неколку населби во блискиот град Брумадино. Евакуирани се околу 3.000 луѓе.

До прекинот на операцијата, спасувачките екипи пронајдоа тела на 40 загинати лица, а од надојдената мешавина на вода, кал и јаловина од рудникот, беа извлечени 23 преживеани, кои се префрлени во болница.

По попуштањето на браната беа поплавени делови од Виља Фертеко и неговата околина. Постои опасност за загадување на животната средина, бидејќи е можно меѓу надојдената мешавина на вода, кал и јаловина да има и потенцијално отровен отпад.

Бразилската рударска компанија „Вале СА“, која е сопственик на рудникот, соопшти дека во време на попуштањето на браната во таа зона се наоѓале околу 300 работници, кои во најголем број беа прогласени за исчезнати.

Би-Би-Си јави дека за време на инцидентот стотина работници се наоѓале во мензата на рудникот, која останала под вода и е затрупана со кал.

Семејствата на исчезнатите лица изразуваат загриженост и стравување дека нивните блиски нема да бидат пронајдени живи, при што расте и нивниот гнев кон компанијата сопственик на рудникот и кон властите.

Причините за попуштањето на браната, која била изградена во 1976 година, засега не се познати.

Слична трагедија во Минас Гераиш се случи и во 2015 година, при што загинаа 19 лица.

Коронавирус