сабота, 17. август 2019. Вести денес: 91
home Вести

Белгија: Започнува едно од најголемите судења за тероризам

Белгија: Започнува едно од најголемите судења за тероризам

Во Белгија денеска почнува судењето против осомничениот џихадист Мехди Немуш кој на 24 мај 2014, за помалку од две минути уби четири лица во Еврејскиот Музеј во центарот на Брисел, јави дописничката на МИА.

Утрово судот ќе ги избере со ждрепка дванаесетте поротници кои до почетокот на март ќе го следат судењето на Немуш, под силно полициско обезбедување. Осомничениот ќе биде присутен на судењето, најавија неговите адвокати.

На 24 мај, безбедносните камери на Еврејскиот Музеј во Брисел покажуваат како Мехди Немуш влегува внатре со торба, очила за сонце и капа на главата и излегува само 82 секунди подоцна откако убил четири лица: брачен пар од Израел, Емануел (54) и Мириам (53) Рива, Доминик Сабрие (66), белгиска волонтерка во музејот и Александр Стренс (25), од мароканско и еврејско потекло, вработен во музејот и кој ќе им подлегне на раните неколку денови подоцна.

Наоружан со револвер и автоматска пушка Немуш ќе биде во бегство речиси една седмица, додека не биде уапсен во јужна Франција на 30 мај во автобус. Во неговиот багаж полицијата пронајде тогаш калашников завиткан во знаме на Исламската Држава, муниција и лични предмети слични на оние кои ги носел за време на нападот, снимен од безбедносните камери на музејот. Во торбата се пронајдени и исечоци од белгиски весници за нападот. Француските власти го екстрадираат во Белгија веднаш но Немуш молчи и тврди дека е невин.

Одбраната на Немуш, адвокатите Себастиен Куртоа и Хенри Лаке, откри дека ќе се држи до верзијата за невиноста на осомничениот, а планира да се повика на теорија на заговор на израелските тајни служби, Мосад.

Адвокатите на Еврејскиот Музеј и на други асоцијации на еврејската заедница од нивна страна изразија запрепастеност и неверување за оваа стратегија на одбраната.

Успехот на ваквата стратегија на одбраната е доведена во прашање со оглед на бројните докази и сведоци против Немуш. Еден од овие докази се аудио снимки пронајдени во Брисел во кои тој го најавува нападот врз Музејот како почетокот на “многу други“.

Од сведоците се очекуваат и четворица француски новинари, поранешни заложници на Исламската Држава во Сирија, кои го идентификуваа Немуш како еден од нивните чувари во Алепо и го опишаа како “брутален“.

Немуш е познат и за неговите врски со други осомничени џихадисти во Белгија и Франција стекнати за време на неговиот престој во Сирија во текот на 2014. Меѓу нив е Абделхамид Абауд, организатор на терористичките напади во Париз на 13 ноември 2015, и Нажим Лашрауи, камиказата од нападот на бриселскиот аеродром на 22 март 2016. И двајцата биле чувари на заложници во Алепо, Сирија, како Немуш.

МИА