понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 114
home Вести

Белгија: Осум отсто од населението размислувало за самоубиство во последните три месеци

Белгија: Осум отсто од населението размислувало за самоубиство во последните три месеци

Институтот за јавно здравје на Белгија ги мери и психолошките последици од здравствената криза и рестриктивните мерки врз населението, заклучоците се загрижувачки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Осум отсто од луѓето „сериозно“ размислувале да посегнат по сопствениот живот во последните три месеци, а 0,4 отсто се обиделе да се самоубијат, открива студијата на Институтот денеска.

Анкетата се спровела од 28 мај до 3 јуни врз примерок од 34 илјади луѓе.

Институтот заклучува дека социоекономските импликации од кризата имале најголемо влијание врз населението. Па така, 22 отсто од населението бележи влошување на својата финансиска состојба од почетокот на кризата, а со најголеми тешкотии за плаќање фактури се соочиле самохраните родители привремено невработени.

Секој десетти Белгиец стравувал да остане без храна, исто толкав број не можеле да си дозволат здрава исхрана, а пет отсто од населението навистина се соочило со недостиг на храна.

Од анксиозност и депресија се најпогодени луѓето кои живеат сами и самохраните родители.

Центрите за превенција на самоубиство не забележале различен профил на луѓе, но зголемен е бројот на повици на бесплатните броеви за психолошка помош. Психолозите и психотерапевтите констатирале исто така поголеми суицидни тенденции кај своите пациенти.

-Кревкоста на безбедносните системи, банкроти, губење работи, светот што се менува, сето тоа може да предизвика неизвесност, анксиозност и страв од колективна или лична пропаст, порачуваат од Центарот за превенција на самоубиства.

Коронавирус