сабота, 31. јули 2021. Вести денес: 30
home Вести

Белата куќа се подготвува за можен втор бран на вирусот наесен, бројот на нови случаи се зголемува низ САД

Белата куќа се подготвува за можен втор бран на вирусот наесен, бројот на нови случаи се зголемува низ САД

Белата куќа се подготвува за можен втор бран на коронавирус наесен, но сепак тоа не значи дека новиот бран сигурно ќе дојде, изјави Питер Наваро, советник во Белата куќа задолжен за трговија и производство, во меѓувреме, бројот на нови случаи во земјата е во пораст.

-САД ги полнат резервите во исчекување на можен проблем наесен. Правиме се што е во наша моќ, изјави тој синоќа за Си-ен-ен.

Претходно, претседателот Доналд Трамп изјави дека вирусот ќе „го снема“. Сепак, податоците од теренот го покажуваат спротивното.

Постои подем од 15 отсто на нови случаи на коронавирус на национално ниво. Низ целата земја, во изминативе пет денови забележан е пораст со повеќе од 30.000 нови инфекции, откако стигна до одредено плато по растежот во претходните 80 денови. Истовремено, бројот на смртни случаи значително опадна – просечниот број починати во изминативе две недели е намален за 42 отсто, споредбено со претходниот двонеделен период.

Како што јави Њујорк тајмс, подем на нови случаи има во 18 сојузни држави. Калифорнија вчера јави за 4.515 нови инфекции, 3.822 има во Флорида, додека во Јужна Каролина се пријавени 1.155 нови случаи. Во Мисури има околу 500 нови, а во Оклахома околу 400.

Според некои прогнози, Флорида, „може да стане идниот голем епицентар“ и локалниот Оддел за здравство вчера препорача луѓето да избегнуваат толпи поголеми од 50 луѓе. Во државата сега има речиси 94.000 заразени, а досега починале 3.144 лица.

Нови инфекции таму сега започнаа да се јавуват најмногу кај помладите генерации. Позитивни се големи групи со возраст во 20-те и 30-те години, истакна Рон Десантис гувернер на Флорида.

Според весникот, овие кластери се посебно загрижувачки за универзитетите и колеџите кои планираат да ги вратат студентите во кампусите следната академска година, кога се очекува коронавирусот и грипот да циркулираат заедно.

Изборниот штаб на Трамп на 27 август планира да одржи голем митинг во Џексонвил, Флорида, во спортска сала со капацитет од 15.000 луѓе.

Д-р Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за инфективни заболувања, истражувања и политика при универзитетот Минесота, смета дека немаме работа со прв или втор бран на вирус, и пандемијата ја спореди со „шумски пожар“.

-Мислам дека ова нема да успори. Не сум сигурен дека инфлуенцата е добра аналогија, изјави тој синоќа за Ен-би-си, алудирајќи на извештај во негово авторство објавен во април, во кој пандемијата на инфлуенца е земена како модел за да се разбере коронавирусот.

-Мислам дека нема да видиме прв, втор или трет бран. Сметам дека сме соочени со еден мошне сложен шумски пожар од случаи. И секаде каде што има дрвја, оганот ќе гори.

Коронавирус