сабота, 27. февруари 2021. Вести денес: 92
home Вести

Бајден и Харис ќе им оддадат почит на жртвите од Ковид-19 пред Меморијалот на Линколн

Бајден и Харис ќе им оддадат почит на жртвите од Ковид-19 пред Меморијалот на Линколн

Во предвечерието на нивната инаугурација, новоизбраните претседател и потпретседателка на САД, Џо Бајден и Камала Харис ќе им оддадат почит на речиси 400.000 Американци кои починаа од Ковид-19.

Бајден денеска ќе пристигне во Вашингтон, а комеморацијата ќе се одржи вечерва во 17:30 часот по источноамериканско време, пред Меморијалот на Линколн.

На настанот ќе присуствуваат и сопругата на Џо, Џил Бајден, како и сопругот на Камала, Даг Емхов. Се планира поставување на 400 светилки по ивицата на базенот пред Меморијалот кој се наоѓа на спротивниот крај од Националното шеталиште и Конгресот, каде утре Бајден и Харис ќе положат заклетва.

Оваа церемонија ќе означи почеток на „национален момент на единство“.

И други познати локации низ САД, како Емпајр стејт билдинг во Њујорк и Спејс нидл во Сиетл, ќе бидат осветлени во исто време. Слични настани ќе има и на други познати места во земјата како и во градовите Вилмингтон и Скрантон, Делавер, од каде потекнува Бајден.

На вечерашната церемонија пред споменикот на Линколн говор ќе оддржи кардиналот Вилтон Грегори, архиепископ на католичката црква во Вашингтон. Хорските пејачи Јоланда Адамс и Лори Мари Ки, ќе настапат на комеморацијата.

Комитетот за инаугурација на Бајден соопшти дека стотици градови, племиња и заедници исто така ќе се вклучат во „националниот момент на единство.“

Избраниот шеф на кабинетот во Белата куќа, Рон Клајн, за Си Ен Ен изјави дека ситуацијата со коронавирусот во САД е критична.

Во првите недели од новата администрација бројката на смртност се очекува да достигне половина милион. Сегашната бројка се приближува до 400.000 починати лица, а вчера во САД беа регистрирани 24 милиони заразени случаи на коронавирус.

– Ситуацијата со вирусот ќе се влоши пред да стане подобра. Луѓето кои сега ќе се заразат, ќе почнат да покажуваат симптоми следниот месец, а тоа ќе ја зголеми бројката на смртност кон крајот на февруари, па дури и во март. Ќе биде потребно подолго време за ова да се запре, изјави Клaјн.

Во меѓувреме, местото на инаугурацијата, Капитол Хил, е затворено со голем број безбедносни огради, контролни пунктиви и бодликава жица, многу поголема мерка за претпазливост во споредба со претходните инаугурации.

Властите го затворија Националното шеталиште, како и улиците и метро станиците во голем дел од Вашингтон. И некои мостови кои водат кон градот од државата Вирџинија исто така ќе бидат затворени.

Претседателот Доналд Трамп, спротивно на традицијата стара 160 години, нема да присуствува на инаугурацијата на неговиот наследник. Наместо тоа утре наутро ќе го напушти Вашингтон и ќе замине на Флорида.

Од највисокото раководство во заминување, на инаугурацијата планира да присуствува потпретседателот Мајк Пенс. 

Коронавирус