Австрија нуди да испрати војници на Балканот или во Северна Африка за да помогнат во контролата на приливот на мигранти во Европа.
Австриските министри за одбрана Марио Кунасек и за внатрешни работи Херберт Кикл велат дека војниците би можеле да бидат распоредени долж границата на Европската унија низ билатерални договори за мисии за помош или како поддршка на Фронтекс, европската агенција за заштита на границата.
Двајцата министри сакаат соработката меѓу армијата и полицијата да биде модел за чување на надворешните граници на Европската унија.
Неколку стотици војници во моментот и помагаат на австриската полиција во контрола на границата со Словенија, Унгарија и Италија.
Кикл рече дека тие помагаат од 2016. година зашто полициските сили се преоптеретени поради недостатокот на контрола на надворешните европски граници.
-Ние сакаме поинаку тоа да го направиме, изјави Кикл.