четврток, 9. декември 2021. Вести денес: 86
home Вести

Австралија нема да го поддржи глобалното Ветување за метанот, за намалување на емисиите до 2030 година

Австралија нема да го поддржи глобалното Ветување за метанот, за намалување на емисиите до 2030 година

Австралија нема да го поддржи глобалното Ветување за метанот, иницирано од Европската унија и САД, за намалување на емисиите на метан за 30 отсто до 2030 година поради загриженоста за влијанието врз земјоделството, производството на јаглен и гас, изјави портпаролот на австралискиот министер за енергетика.

Од друга страна, Нов Зеланд, уште еден голем емитер на метан преку својата млечна и овчарска индустрија, може да го потпише глобалното ветување за метан.

-Нов Зеланд активно размислува за потпишување на ветувањето и наскоро ќе донесе одлука, изјави портпаролот на министерот за климатски промени Џејмс Шо.

САД и ЕУ во септември го објавија Ветувањето за метан со цел да се здружат брзите климатски активности пред почетокот на климатската конференција на ОН, COP26 во Глазгов, која почнува во недела.

Емисиите на метан, што доаѓаат од природниот гас, рудниците за јаглен и говедата и овците, се втората најголема причина за климатските промени, веднаш зад јаглерод диоксидот (CO2).

Австралискиот премиер Скот Морисон одби да го поддржи Ветувањето за метан за да може да добие поддршка за нула емисии на јаглерод до 2050 година од помладиот партнер во коалициската влада-Националната партија, која ги претставува руралните Австралијанци, вклучувајќи ги и земјоделците и рударите.

Лидерот на Националната партија, Барнаби Џојс, изјави дека исклучувањето на метанот од австралиската цел за 2050 година е неопходно бидејќи намалувањето на емисиите на метан за 30 отсто би предизвикало катастрофа во месната и млечната индустрија и производството на гас.

-Единствениот начин на кој можете да постигнете 30 проценти намалување на метанот до 2030 година е да земете пушка и да почнете да пукате во својот добиток, им рече Џојс на новинарите во Канбера.

Коронавирус