сабота, 15. јануари 2022. Вести денес: 34
home Вести

Австралија близу врвот на омикрон бранот на коронавирус

Австралија близу врвот на омикрон бранот на коронавирус

Австралија најверојатно се приближува до врвот на бранот на коронавирус, во кој доминира омикрон варијантата, соопштија денеска властите, но предупредија дека дневниот број на заразени ќе остане блиску до рекордните нивоа и „во следните неколку недели“, откако се евидентирани повеќе од 100.000 случаи четврти ден по ред.

Австралија претходно го ограничуваше ширењето на вирусот со строги рестриктивни мерки, а сега бележи рекордни бројки и има најголем број заразени во светот на дневна основа.

Повеќето земји имаат усвоено стратегија на живеење со вирусот, откако е постигната висока стапка на вакцинација.

Годинава се регистрирани повеќе од 1,2 милиони случаи, додека во 2020 и 2021 година имало вкупно 200.000 случаи

– Сè уште не сме завршиле со тоа и мислам дека сè уште ќе има голем број дијагностицирани случаи во Австралија во текот на следните неколку недели, изјави пред новинарите главниот советник за здравство на австралиската влада, Пол Кели.

Сепак, движењето на инфекцијата во некои држави „ме наведува да верувам дека сме блиску до врвот на овој бран во однос на случаите“, рече тој.

Бројот на заразени се намали во последните три дена, додека растот на хоспитализираните во најтешко погодениот Нов Јужен Велс, најнаселената држава во Австралија, малку забави, покажуваат официјалните бројки.

Повеќето држави се борат со рекорден број на болнички приеми, а властите велат дека невакцинираните млади луѓе сочинуваат „значителен дел“ од хоспитализираните во Австралија.

– Гледаме епидемија на невакцинирани меѓу младите луѓе, тоа го гледаме и кај приемите на интензивна нега, рече Кели.

Австралија е меѓу земјите со најголем процент на вакцинирани против Ковид-19. Повеќе од 92 отсто од Австралијците постари од 16 години примиле две дози од вакцината.

Коронавирус