среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Вести

Антитерористичка истрага во Франција: Спречени атентати во Брест и Епинал

Антитерористичка истрага во Франција: Спречени атентати во Брест и Епинал

Седумтемина осомничени, уапсени во понеделникот на 20 јануари во рамки на истрагата за борба против тероризам во Финистер – Бретања, вклучувајќи и еден бегалец роден во Сирија и осомничен за припадност на групата Исламска држава (ИС), беа обвинети и ставени во привремен затвор, јавува дописникот на МИА.

Овие седуммина, на возраст од 16 до 38 години, беа обвинети вчера од парискиот судија за борба против тероризам за „злосторничко терористичко здружување“. Според француските медиуми тие се осомничени дека подготвиле проект за „насилно дејствување“ во Франција.

Меѓу обвинетите има еден бегалец од Сирија кој регрутирал исламисти во срцето на Финистер, марокански маргинлец кој подготвувал бомби во неговиот стан во Епинал … Три недели по нападот во Вилжуиф, изминатата недела покажа дека „ендогената“ закана може да добие други форми освен убиец со нож и дека профилите на радикалните исламисти се секогаш разновидни.

Судската истрага насочена кон нив беше отворена во декември, а осомничените беа под надзор, особено нивната размена на криптирани пораки. Токму овој надзор доведе до одлука за апсење како дел од планираната превентивна операција. Овие седум лица, родени меѓу 1981 и 2003 година, не требаше веднаш да преземат акција и не беше пронајдено оружје, ниту експлозив. Но, откриени се упатства за правење експлозиви или отров, како и пропаганда на ИСИС. Без специфична цел, оваа ќелија, која се обидуваше да добие оружје, планираше да дејствува за време на големи собири.

Групата имаше и претпоставен „водач“, 34-годишен маж со палестински пасош, но роден во Сирија и кој има бегалски статус од 2015 година. Но, исто така, 16-годишен средношколец од Брест, син на халал месар во градот , и уште еден 30-годишен халал месар. Вториот беше осуден на три години условна казна во 2018 година за „апологија на тероризмот“ (тој беше воодушевен од нападите од 13 ноември и имаше пропаганда на Даеш) и наводно се обидел да стигне во Сирија во 2014 година.

Аферата „Епинал“, што се случи во четвртокот, е исто вознемирувачка, но таа е од различна природа. Откриено е дека постои индивидуа, од мароканска националност, позната по трговија со дрога и радикализација (тој штотуку ставен на листата С (радикализирани опасни лица) и, меѓу другите дела, неодамна се пофали дека може да произведува експлозиви). Како таков, тој беше проследен во рамките на проценката за радикализацијата. Неговиот профил е прилично нетипичен: инвалидизиран и маргинален, тој живеел во Епинал со својата партнерка и едно од неговите деца и кружеше во центарот на градот во инвалидска количка.

Откако ги објави своите забелешки за експлозивот, префектурата на Вогезите нареди домашна посета, како што е предвидено со законот СИЛТ, што уследи по вонредната состојба. Во четвртокот, полицијата од Епинал и единицата на специјалците од Нанси се појавија во неговиот дом. Осомничениот веќе бил далеку, но неговата партнерка која била присутна била ставена во полициски притвор. Еден од неговите пријатели, исто така, беше задржан во притвор малку подоцна.

Полицијата открила производи што може да се користат за правење експлозивни направи (црн барут, електрични компоненти, завртки и лонци под притисок, потсетувајќи на бомбите користени во нападите од 1995-1996 година), како и четири или пет домашни експлозивни направи со многу завртки. Поради безбедност, зградата беше евакуирана, прекината електричната енергија и учениците од повеќе установи (училиште, два основни и едно средно училиште) задржани во зградите на кратко време. Непосредно пред 13 часот попладне, осомничениот бил уапсен во куќата на познаник. Тој беше приведен во полициски притвор за злосторничко здружение за терористички активности и поседување и производство на експлозивни направи во врска со терористичко претпријатие. И, со оглед на пребарувањата од страна на полицијата се верува дека најлошото беше веројатно избегнато во последен момент.