петок, 16. април 2021. Вести денес: 0
home Вести

Анкета на на европскиот Парламент: Еве од што најмногу се плашат Европејците

Анкета на на европскиот Парламент: Еве од што најмногу се плашат Европејците

Намалувањето на сиромаштијата и социјалната нееднаквост повторно стана проблем кој според граѓаните на ЕУ треба да биде политички приоритет по пандемијата на Ковид-19, покажа новото истражување на јавното мислење спроведено за Европскиот парламент.

Речиси половина од анкетираните (45 проценти) изјавиле дека борбата против сиромаштијата треба да биде на врвот на агендата на парламентот на ЕУ, што е за 17 проценти повеќе од слично истражување една година претходно.

Годишното истражување на Евробарометар за ЕП го спроведе консултантската агенција Кантар во ноември и декември 2020 година и го одразува влијанието што го имаше пандемијата на коронавирусот врз јавното мислење во ЕУ, објави бриселскиот портал Еурактив.

И Светска банка претходно во повеќе наврати оцени дека пандемијата директно ќе влијае на растот на сиромаштијата во светот и оти во текот на 2020 година, поради економското забавување и ограничената мобилност, меѓу 88 и 115 милиони луѓе ширум светот би можеле да бидат втурнати во екстремна сиромаштија.

Анкетата спроведена од ЕП, исто така, покажа дека борбата против тероризмот и организираниот криминал е меѓу приоритетите за граѓаните, со 35 проценти, и оти 33 проценти од испитаниците сакаат полесен пристап до квалитетно образование.

За заштита на животната средина и биодиверзитетот како главна задача се изјаснија речиси ист процент на граѓани како и во истражувањето за 2019 година, 32 проценти, но тогаш екологијата со сличен процент беше на врвот на списокот со приоритети на учесниците во истражувањето.

Според авторите на студијата, ваквата промена на приоритетите на граѓаните е директна последица од пандемијата.

Сепак, истражувањето покажа и некои други трендови во јавното мислење, без оглед на тоа што граѓаните сметаат дека се приоритети, а тоа е првенствено што угледот на самата ЕУ порасна во кризата со коронавирусот.

Во истражувањето, еден од двајца учесници рекол дека има прилично добро или многу добро мислење за ЕУ, што е зголемување за 10 проценти во споредба со 2019 година, а само 14 проценти од испитаниците изразиле негативно мислење за Унијата.

За овој подобар имиџ на ЕУ кај населението во одлучувачка мерка придонел и историскиот план за стимулации на „ЕУ нова генерација“, па така 72 проценти од испитаниците до некаде или целосно се согласиле со оценката дека тоа ќе им овозможи на земјите од ЕУ побрзо да ги излекуваат своите економии од последиците од пандемијата.

Очекувањата на граѓаните од светот после пандемијата се прилично мрачни, бидејќи повеќето испитаници веруваат дека нивната национална економија ќе биде во полоша состојба по кризата од претходно. Како и да е, повеќето испитаници сметаат дека нивниот животен стандард за една година ќе биде ист како денес.

Друга последица од пандемијата е начинот на кој граѓаните ја доживуваат солидарноста во ЕУ, бидејќи анкетата покажа оти за 41 процент од учесниците таа е на врвот на листата на основни вредности што ЕП треба да ги заштити, во споредба со 33 проценти кои изразија такво мислење само една година порано.

Истражувањето покажа дека 71 процент од испитаниците се целосно или во голема мера про-ЕУ, но во исто време скоро половина (44 проценти) изразија незадоволство од начинот на кој досега се спроведуваше проектот на Унијата и оценија дека се потребни реформи.

Претседателот на ЕП Дејвид Сасоли рече дека пораката на анкетата е јасна, а тоа е дека граѓаните ја поддржуваат ЕУ и веруваат дека тоа е вистинското опкружување во кое може да се најде решение за кризата со пандемијата.

– Но, исто така е јасно дека граѓаните сакаат да видат како се спроведуваат реформите во ЕУ и затоа што е можно поскоро треба да отвориме Конференција за иднината на Европа, додаде Сасоли.

Подготовките за конференцијата се одложени, бидејќи трите главни институции на ЕУ допрва треба да се договорат за личноста што ќе претседава со конференцијата, за тоа колку ќе трае процесот, замислен како повеќегодишна дебата меѓу институциите на ЕУ, граѓаните, граѓанското општество и други фактори за насоката и реформите во ЕУ.

Доколку сегашниот претседавач со ЕУ, Португалија, не успее да постигне договор до крајот на февруари, таа задача најверојатно ќе падне на следниот претседавач, што би значело дополнително одложување на свикувањето на конференцијата.

Во анкетата, 22 проценти од испитаниците рекле дека се скептични кон ЕУ, но дека може да го променат тоа мислење доколку се спроведат радикални реформи, додека само пет проценти се изјасниле дека во принцип се спротивставуваат на идејата за ЕУ.

Според резултатите од истражувањето, во Романија, Словачка, Австрија и Италија, помалку од половина од граѓаните оцениле дека членството на нивната земја во ЕУ е позитивна работа.

Особено загрижува резултатот во Италија, каде само 39 проценти од испитаниците изјавиле дека членството во ЕУ е добра работа, иако во таа земја традиционално евроскептичните партии неодамна усвоија проевропска позиција.

Како главна причина за поделбите меѓу владите на ЕУ и земјите-членки, 47 проценти од граѓаните ја наведоа мигрантската криза. Следува несогласување меѓу националните влади и Брисел за заштита на животната средина (20 проценти), земјоделството и риболовот (20 проценти) и јавното здравство (19 проценти).

Коронавирус