петок, 30. октомври 2020. Вести денес: 61
home Вести

Активирање на белиот план во Ил-де-Франс и Париз, во очекување на „многу силен бран“ на коронавирусот

Активирање на белиот план во Ил-де-Франс и Париз, во очекување на „многу силен бран“ на коронавирусот

Генералниот директор на Здравствената агенција на Ил-де-Франс, одлучи да го активира „засилениот бел план“, „со поглед на притисокот врз капацитетите за интензивна нега и конвенционалната хоспитализација“ во регионот на Париз, јави дописникот на МИА.

Болниците и клиниките во Ил-де-Франс мора да се подготват за „многу силен бран“ на нови пациенти со Ковид-19, изјави директорот на агенцијата Орелиен Русо

-Со оглед на притисокот врз креветите за интензивна нега и конвенционалната хоспитализација, ги замолив директорите на здравствените установи во регионот да го активираат својот бел план за мобилизирање на сите свои ресурси и да бидат подготвени за деновите што доаѓаат, напиша Орелиен Русо во порака објавена на Твитер.

Белиот план овозможува сите болнички ресурси да бидат распределени на управувањето со коронавирусот во соодветните установи.

Во вторникот вечерта, повеќе од 40 отсто од креветите за интензивна нега беа окупирани од пациенти со Ковид-19 во болниците во Ил-де-Франс, според податоците испратени од Регионалната здравствена агенција.

Болничките индикатори се важни за следење на еволуцијата на епидемијата, бидејќи главното прашање е да се спречи болниците, особено одделите за интензивна нега, да бидат презаситени од масовен прилив на пациенти.

Во понеделникот, кога беше објавена најавата за нови здравствени ограничувања во Париз, од здравствената агенција очекуваа дека стапката на зафатеност во реанимација треба да достигне 50 отсто Во следните 15 дена. Некои установи започнаа да „депрограмираат хируршки активности“.

Во изминатите 24 часа беа дијагностицирани нови 18.746 случаи на Ковид-19, што е рекорд откако беа укинати општите мерки на ограничувања во Франција. Индексот којшто е внимателно следен од здравствените власти, стапката на позитивност на тестот скокна на 9,1%. Во моментов има вкупно 1.267 кластери. Во болниците на лекување се 7514 од кои 1400 на интензивна нега. За 24 часа беа забележани 80 нови смртни случаи, со што вкупниот број на жртви достигна 32.445 смртни случаи од почетокот на епидемијата. (МИА)

Коронавирус