среда, 2. декември 2020. Вести денес: 184
home Регион

Зголемен бројот на случаи на семејно насилство за време на карантинот во Грција

Зголемен бројот на случаи на семејно насилство за време на карантинот во Грција

Речиси четири пати се зголемил бројот на повици на СОС линијата за пријава на случаи на семејно насилство во Грција во месец април односно во периодот додека земјата беше во карантин, според податоците од Генералниот секретаријат за семејна политика и родова еднаквост, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 1.769 повици во месец април годинава, 1.070 се однесувале на насилство, наспроти 325 во март, додека пак 648 биле за семејно насилство, речиси четири пати повеќе од повиците за слични случаи минатиот месец (166).

Седум од десет случаи на насилство биле пријавени од самите жртви, а во три од десет случаи, пријавата пристигнала од трето лице односно од родители, деца, браќа/сестри, соседи и пријатели.

Според податоците од Секретаријатот, мнозинството од жртвите, односно 61 отсто од случаите, биле сопруги/сопрузи и партнерки/партнери, а 10 проценти од повиците (77) се однесувале на насилство врз деца.

Во однос на возраста на граѓаните, кои се обратиле на СОС бројот, 27 отсто биле меѓу 40 и 54 години, а 18 проценти меѓу 25 и 39 годишна возраст.

– Очигледно е дека информативната кампањата за поддршка на жените жртви на насилство ги мобилизираше засегнатите, како и третите лица за да стапат во контакт со СОС линијата и да пријават случаи на насилство, изјави генералната секретарка за семејна политика и родова еднаквост, Мариа Сиренгела и додаде дека е особено важно тоа што девет од десет лица кои што се јавиле, собрале храброст првпат да пријават случај на насилство.

За време на рестриктивните мерки и забраната за движење, грчката Влада спроведе кампања за борба против семејното насилство, со пораката „Остануваме дома не значи дека трпиме насилство, остануваме дома значи да бидеме безбедни и заштитени“, повикувајќи ги жртвите да не го премолчат и да го пријават семејното насилство преку специјална СОС телефонска линија, преку мејл или да се обратат до најблиската полициска станиц.

Здружението на фармацевти во Грција, како што веќе објави МИА, се приклучи на кампањата „Маска-19“ за борбата со семејното насилство во време на Ковид-19, охрабрувајќи ги жртвите на семејно насилство или на сексуални напади, да ја посетат најблиската аптека и да побараат „Маска-19“, што всушност значи помош.

Коронавирус