недела, 29. ноември 2020. Вести денес: 28
home Регион

Вучиќ: Забрана за сите јавни собири во затворен простор, нема прекин на наставата

Вучиќ: Забрана за сите јавни собири во затворен простор, нема прекин на наставата

Експертите препорача забрана на јавни собири со повеќе од сто лица во затворен простор како би се спречило ширењето на новиот коронавирус и тие мерки ќе ги усвои српската Влада денеска, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со премиерката Ана Брнабиќ и претставниците на сите здравствени и други институции кои учествуваат во борбата против Ковид-19.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ истакна дека ќе бидат дозволени собири на отворен простор, бидејќи експертите веруваат дека нема потреба истите да се откажуваат.

Како што прецизира, сите натпревари во затворен простор ќе се играат без публика, додека фудбалските натпревари можат да се играат со публиката.
Вучиќ, исто така, рече дека ќе биде дозволено одржување на протести в сабота.
– Сите гранични премини работат, но некои ќе бидат исклучени за подобро контролирање на протокот на патници, посочи Вучиќ.

Училиштата засега нема да бидат затворени и доколку е потребно подоцна таа одлука ќе се донесе, евентуално пред Велигден.

– Ќе ги замолиме нашите луѓе да доаѓаат во што е можно помал број пред Велигденските празници од земјите каде што е голем број на заразени, додаде српскиот претседател.

Како што истакна, во преземањето мерки за борба против ширењето на новиот коронавирус властите се раководеле според препораките од лекарите.

– Ја слушавме професијата, одлуките не ги донесоа политичарите, туку оние што се најстручни во нашата земја. Јас не сум доктор, ниту пак Ана Брнабиќ е докторка. Сфативме дека е добра идеја да се повикаме на професијата, на најдобрите лекари во земјата, кажа Вучиќ, кој додаде дека Србија ги држи работите под контрола на многу добар начин.

Мерките вклучуваат, како што рече, голем број на патници кои се проверувани на влез во земјата.

– Правиме напори да ја задржиме епидемијата под контрола за да не експлодира како во некои земји, оцени Вучиќ.

Според него, економската штета ќе биде голема, но српската Влада ќе се обиде таа да биде помала отколку во другите земји.

– Миење на рацете, сапун, тоа е клучна превенција. Сите лекари тоа го потврдуваат, повтори тој како совет за граѓаните да го зачуваат здравјето.

Коронавирус