петок, 14. август 2020. Вести денес: 153
home Регион

Вучиќ: Протестите се „чист тероризам“

Вучиќ: Протестите се „чист тероризам“

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва од Париз се обрати во врска со актуелните случувања во Белград.

– Му порачувам на народот да не се грижи, добар ден од хулиганите ќе бидат уапсени, ќе мораат да одговараат за своите злосторства. Мислам дека конечно паднаа сите маски, можете некого да залажувате еден ден, но сега го видовме вистинското лице. Почнаа да се тепаат меѓу себе, а потоа бараа помош од полицијата, која претходно истите ја напаѓаа. Тие се уапсени и дадена им е медицинска помош, истакна Вучиќ за ТВ Пинк.

Коментирајќи ги протестите, тој изјави дека станува збор за „чист тероризам“.

Според него, 95 отсто од народот е против немири на улиците.

– Никој нормален не го прифаќа тоа. Видовте некои поранешни пратеници кои грабаат од народот. Нема никој да дојде на власт со насилство, туку само на избори. Ги молам луѓето да не излегуваат на протести, за да не завршат в болница, нагласи српскиот претседател.

Вучиќ вечерва ги пофали полицајците, војската, но и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ. Тој изрази надеж дека ќе „победи пристојна и модерна Србија“.

– Вечерва ги пуштивме на еден метар од влезот на Парламентот. Тогаш почнаа апсењата, изјави шефот на српската држава.

Вучиќ се осврна и на ситуацијата со коронавирусот.

– Денешниот биланс е резултат од пред пет дена. Како дојдовме до тоа? Со чија неодговорност? Оние кои ги бојкотираа изборите ги повикуваа вечерва луѓето да го затворат автопатот кај Нови Сад, тоа е чист тероризам. Немојте да го загрозувате здравјето на луѓето, секоја вечер организирано да заразувате одреден број луѓе. Државата не дозволи одржување на овие протести, истакна Вучиќ.

Во Белград и вечерва се одржаа протести, кои преминаа во насилни, и покрај апелите да не се ризикува натамошно зголемување на заразени со коронавирус, но и покрај епидемиолошките мерки, вклучувајќи забрана за собири на повеќе од десет лица на отворено. (МИА)

Коронавирус