Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вечерва изјави дека Србија е на европски пат, но оти ќе продолжи да гради најдобри односи со Русија.
– Претпоставувам дека ќе има различни видови желби и притисоци односите да се движат во поинаква насока, но Србија ќе биде на иста линија, ќе ги почитува традиционалните односи и ќе развива најдобри односи со Руската Федерација, посочи Вучиќ.
Тој додаде дека дека периодот од 180 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Србија и Русија е карактеристичен по тоа што никогаш не оделе еден против друг и оти тоа е редок пример и случај помеѓу кои било народи во светот.
Шефот на руската дипломатија истакна дека Русија и Србија се партнери, кои еден на друг ништо не си наметнуваат и оти Москва ги поздравува напорите на Србија на патот кон Европска унија, но и во односите со евроазискиот сојуз.
– Русија не бара од Србија да ги прекине контактите со кој било во светот. Секогаш сме се залагале партнерите да имаат слобода на избор и да ги развиваат своите политички врски, посочи Лавров.
Тој посочувајќи ја соработката на Србија со НАТО, но и со Сојузот за колективна безбедност, посочи дека статусот на неутралност на Србија е еден од најважните фактори на стабилност на Балканот.