среда, 8. декември 2021. Вести денес: 102
home Регион

Вучиќ и Иринеј: Состојбата со црквата и народот во Црна Гора е потешка од кога било во историјата

Вучиќ и Иринеј: Состојбата со црквата и народот во Црна Гора е потешка од кога било во историјата

Српскиот патријарх Иринеј по состанокот со претседателот Александар Вучиќ, изјави дека „ситуацијата на српскиот народ и на српската црква во Црна Гора е потешка од кога било во историјата и дека такво нешто не се случило ни за време на Отоманската империја, па дури ни за време на комунизмот“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, за Иринеј целта е „протерување на српскиот народ, како што тоа правеле усташите во Хрватска и уништување на Српската православна црква (СПЦ)“.

-Јасно е дека планот е да нема повеќе СПЦ и српски народ таму. Се создава нова црногорска нација која треба да го истисне сето она што е српско. Има и многумина од црквата кои и кумуваат на оваа состојба и се надевам дека ќе се предомислат, кажа Иринеј на прес конференцијата, замолувајќи го Вучиќ да го заштити српскиот народ и црквата во Црна Гора.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија ќе одговори на сите лаги што се пласираат од Црна Гора, чија државност ја почитува, и дека секогаш ќе биде со својот народ во таа земја.

-Како држава, ние ја разбираме позицијата на СПЦ, но мора да бидеме повнимателни, затоа што не сакаме да го сториме она што тие нам ни го направија, изјави Вучиќ.

Тој тврди дека црногорските власти работеле на уништување на територијалниот интегритет на Србија и на меѓународното право кога ја признале независноста на Косово и истакна дека сега е „интересно како политичарите во Црна Гора се мешаат во внатрешното црковно уредување“.

Тој најави дека Србија ќе се бори со легални и демократски средства да и укаже на меѓународната јавност што се случува во Црна Гора, додавајќи дека „сакаат да создадат своја православна црква, но всушност сакаат за 10 години да исчезне српскиот народ во Црна Гора“.

Вучиќ оцени дека сето ова се случува затоа што „некои луѓе во регионот веруваат дека и српската црква и српскиот народ треба да се ограничат на централна Србија и можеби Војводина“, и дека сè друго треба да бидат некои други православни луѓе кои немаат никаква врска со Србите.

-Ова е почеток, после ова ќе имате обид за создавање на православна црква во Косово, па почеток на православна црква во Босна и Херцеговина, православната црква во Хрватска, кажа Вучиќ.

Тој изјави дека Србија „ќе работи почитувајќи ја државата Црна Гора, почитувајќи ја нејзината државност и независност“.

Коронавирус