вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 100
home Регион

Вучиќ: Ана Брнабиќ е мандатар за новата српска влада

Вучиќ: Ана Брнабиќ е мандатар за новата српска влада

Српскиот претседател, согласно уставот и законите, ја предложи досегашната премиерка Ана Брнабиќ за мандатар на новата српска влада.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ во најавеното обраќање на јавноста и по седница на претседателството на Српска напредна странка (СНС) соопшти дека по разгледување на повеќе кандидати и согласно успешноста на водењето на досегашната влада, која има спроведено „најтешки економски и политички реформи“ и ја предлага Ана Брнабиќ за мандатар на новата српска влада.

Тој кажа и дека и предложил на Брнабиќ да размисли за имиња за новите министерска места, додавајќи дека и сугерирал новата влада да има две нови министерства, и тоа министерство за човекови права и рамноправност и министерство за грижа за семејството и демографијата.

Вучиќ рече дека и остава на Брнабиќ неколку дена да му предложи новите коалициски партнери на владата на СНС, како и да размисли, доколку е можно околу 50 отсто од министрите да бидат жени.

Образложувајќи го неговиот предлог за мандатар на српската влада, тој рече дека ги разгледувал предизвиците со кои се соочува Србија, како што се косовското прашање, предизвиците со епидемијата на коронавирусот и дилемата како во услови на затворени граници да се одржи економскиот ритам на државата.

Според српскиот претседател, идната влада треба да води политика на зачувување на суверенитетот, да го продолжи патот на евроинтеграции и да ги сочува пријателските односи со Кина, Русија и САД.

Како главни цели кои треба да и бидат на владата на Ана Брнабиќ, Вучиќ ги посочи подигањето на економскиот стандард, инфраструктурните проекти-меѓу кои ги посочи изградбата на брзата железница Белград-Ниш-Прешево и белградското метро, вложувањето во здравството и безбедоносниот аспект во засилување на војската, полицијата и разузнавачкиот сектор.

Коронавирус