четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 2
home Регион

Во Србија за два дена заразени колку во првите три месеци

Во Србија за два дена заразени колку во првите три месеци

Нагло зголемување на бројот на заразени со новиот коронавирус е регистрирано последните денови во Србија. Министерството за здравство регистрирало повеќе случаи во последните два дена отколку во првите три месеци од епидемијата, објави националната телевизија РТС.

Според Министерството за здравство од почетокот на падемијата во Србија од Ковид-19 заболеле 97.988 луѓе, а починале 1.081. Само во вторникот и вчера во таа држава се регистрирани вкупно 10.607 новозаразени. Тоа е колку и во првите три месеци од епидемијата.

Членот на Кризниот штаб за борба против Ковид-19, инфектологот Мијомир Пелемиш смета дека не треба да се чекаат 14 дена за да се анализира ефектот на мерките, кои неодамна беа донесени.

– Долго пред 1 декември, денес или утре, мора да ги анализираме не ефектите од мерките, туку епидемиолошката состојба и ако не видиме подобрување, треба веднаш да ги заостриме мерките, рече Пелемиш за „Вечерње новости“.

Заострувањето на мерките, пишува весникот денеска, може да значи дополнително скратување на работното време на угостителите и трговците, преориентирање кон работа од дома, ограничување на бројот на луѓе во јавниот превоз и зголемување на растојанието. Тоа тогаш би значело дека во просториите мора да се обезбеди повеќе од сегашните четири квадратни метри по лице.

– Ковид 19 е подеднакво опасен за сите возрасти, без оглед на полот, има разлика само во исходот на болеста. Секој може да се зарази и секој што е заразен може да умре поради компликации. Млади ни умираа од Ковид, за среќа не и деца, но извештаите од САД покажуваат дека Ковидот бил фатален за повеќе од 100 деца таму, предупреди Пелемиш.

Коронавирус