сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 3
home Регион

Во Србија почнува новата учебна година, еве под кои услови ќе се одвива наставата

Во Србија почнува новата учебна година, еве под кои услови ќе се одвива наставата

За учениците во основните и средните училишта во Србија, денеска почнува нова учебна година, која се организира под посебни услови поради епидемиолошката состојба, со помалку ученици во училница и почитување на препорачаните мерки за борба против ширењето на Ковид-19.

Како што претходно изјави министерот за образование, Младен Шарчевиќ, поради спроведување на мерките во училиштата се зајакнати дежурствата, учениците ќе мора да носат маски и да одржуваат растојание, а училниците почесто да се дезинфицираат.

Наведувајќи дека 97 проценти од родителите во Србија се изјасниле нивните деца да одат на училиште, Шарчевиќ објасни дека во 38 проценти од училиштата во Србија, пред сè помалите рурални и малцински училишта, одделенијата нема да има потреба да се делат во групи до 15 ученици со цел примена на епидемиолошки мерки.

Наставата во училиштата во Србија беше прекината во средината на март кога беше прогласена вонредна состојба поради епидемијата на коронавирусот.

Во исто време, Унијата на синдикати на просветни работници во Србија денеска соопшти дека претставниците на тој синдикат сметаат дека одењето во училиште е избрзано и небезбедно, како за наставниците, така и за учениците.

Тие наведуваат дека со оглед на тоа што нивниот предлог за поместување на почетокот на учебната година бил отфрлен, останува да се информира јавноста за нивните барања со организирање на прес-конференции цела недела во Белград, Нови Сад, Чачак, Ваљево, Зајечар, Зрењанин, Крагуевац, Краљево, Крушевац, Лесковац, Ниш, Сомбор и Ужице.

– Можеби ова ќе биде знак за образовните власти и Кризниот штаб дека е крајно време да се слуша струката. Доколку тоа не се случи, што нема да биде првпат, ние ќе продолжиме да укажуваме на недостатоците и да даваме можни решенија, се со цел здравствена безбедност и за квалитетот на образованието во Србија, се наведува во соопштението на Унијата на синдикати на просветни работници во Србија. (МИА)

Коронавирус