недела, 9. август 2020. Вести денес: 90
home Регион

Во отпадните води во Солун откриено присуство на геноми на коронавирусот

Во отпадните води во Солун откриено присуство на геноми на коронавирусот

Концентрацијата на геномот на вирусот SARS-CoV-2 во отпадните води во Солун е на исто ниво како и на крајот од април годинава кога Грција сè уште беше под строги рестриктивни мерки, односно под целосен карантин, покажува истражувањето на научниот тим од солунскиот Универзитет „Аристотелис“ во соработка со компанијата за водоснабдување и канализација на Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

-Временскиот период на присуството на вирусот во отпадните води во Солун, како што покажуваат мерењата, не е во согласност со мирната клиничка слика во болниците во градот, па така научниците проценуваат дека бројот на асимптоматски или умерено симптоматски случаи, на кои не им е потребна болничка нега, значително се зголемил, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, пренесувајќи го истражувањето и додава дека од 18 јуни биле известени надлежните власти за резултатите од мерењата.

Концентрација на геномот на коронавирусот во отпадните води во Солун бил регистриран на крајот од април, а околу три седмици во месец мај немало никакво присуство, кога повторно се појавил на почетокот на јуни.

АНА-МПА пишува дека поради сериозноста на резултатите, научниот тим ги повторил анализите, а резултатот бил ист.

-Солунскиот Универзитет „Аристотелис“, заедно со компанијата за водоснабдување и канализација на Солун, ќе продолжи систематски да го следи присуството на геномот на вирусот во отпадните води како индикатор за нивото на ширење на вирусот кај населението, со цел да постои навремено, во рок од 24 часа, научно информирање и поддршка на државата во донесувањето на критични одлуки за справување со пандемијата, вели ректорот Никос Папајоану.

Научниот тим, со мерења трипати седмично ја следи концентрацијата на геномот на коронавирусот во отпадните води на влезот на Пречистителната станица за отпадни води во Солун. (МИА)

Коронавирус