среда, 28. октомври 2020. Вести денес: 0
home Регион

Во Косово тензично, но мирно

Во Косово тензично, но мирно

Претставниците на Српската листа предводени од претседателот Горан Ракиќ утрово пристигнаа во Белград, на консултации кај претседателот Александар Вучиќ со цел носење на конечната одлука за нивното натамошно учество во косовската Влада.

Доколку биде донесена одлука за напуштање на Владата , можни се и предвремени избори на Косово.

Горан Ракиќ пред состанокот за Радиотелевизија Србија (РТС) изјави дека српските граѓани во северно Косово се самоорганизирале и поставиле блокади, со цел да „никогаш повеќе не се повтори бруталниот терористички напад од страна на специјалните полицијски сили РОСА во северно Косово“.

По средбата на преставниците на Српската листа кај претседателот Вучиќ, предвидена е и нивна пресс конференција, заедно со Марко Ѓуриќ, директорот на владината канцеларија на Косово, кој синоќа беше приведен и депортиран од Косово.

Состојбата во северно Косово е напната, но мирна. Со барикади блокиран е магистралниот пат од Косовска Митровица кон Рашка во Србија, а на административниот премин Јариње се блокирани околу 50 камиони.

Косовските специјалните полицијски сили се имаат повлечено од северниот дел на Косовска Митровица, но се уште се присутни во јужниот „албански“ дел од градот.

Во синоќешната акција на полицијата на „дијалогот за Косово“ во Митровица, кога беше приведен Ѓуриќ, повредени се 32 лица, од кои потешко се повредени пет лица меѓу кои е и косовскиот министер за земјоделство Ненад Рикало. Меѓу повредените има и преставници на медиумите.

Се огласија и американскиот и рускиот амбасадор во Белград. Според Кајл Скот „настаните во Косово се голем чекор наназад“, а Александар Чепурин изјави дека „Русија е огорчена од грубата провокација на Приштина“.

Од досегашните реакции во Србија министерот Александар Поповиќ отоврено повика дека е „дојден моментот кога Србија мора да ја повика Русија активно да се вклучи во процесот на решавање на Косовското прашање“.

Од опозицијата оценуваат дека „не постои дипломатија која може вчерашните настани да ги испегла“, а од Демократскиот сојуз порачаа дека дијалогот нема алтернатива и го „осудија нападот на косовската полиција на голаракиот народ, но и дека за тоа имаат придонес и изјавите на Ѓуриќ, министерот Вулин, како и самите приштински власти“.

Инаку вчера, за време на инцидетите, според приштинските медиуми, беше постигнат договор меѓу косовските власти за формирање на Заедници на српски општини (ЗСО).

Косовскиот претседател Хашим Тачи, претседателот на косовскиот парламент Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај се согласија да формираат поширока институционална работна група, која ќе соработува со управувачката група и мисијата на ОБСЕ во Косово и ќе работи на изготвување на Статутот на ЗСО. Како што беше најавено од канцеларијата на претседателот на Косово, Статутот треба да биде во согласност со Уставот на Косово и одлуките на Уставниот суд за согласност на договорот за ЗСО со Уставот.

– Претседателот Тачи, претседателот на парламентот Весељи и премиерот Харадинај се согласија дека дијалогот меѓу Косово и Србија е од национален интерес за Косово и дека треба да го обедини целиот политички спектар, се посочува во соопштението од Кабинетот на Тачи.

Вчерашните настани на Косово, потсетуваат на инцидентот од јануари 2017 година со  „руски воз“, на кој не му беше дозволен влез во Косово.

Коронавирус