вторник, 29. септември 2020. Вести денес: 169
home Регион

Во бегалски камп на грчки остров потврдени 35 случаи на Ковид-19

Во бегалски камп на грчки остров потврдени 35 случаи на Ковид-19

Од 2.000 направени тестови за Ковид-19 на мигрантите, бегалците и вработените во бегалскиот камп Мориа на грчкиот остров Лезбос, потврдени се 35 позитивни лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за миграција и азил на Грција, попладнево соопштија дека завршен е процесот на тестирање во кој биле земени примероци од 1.900 мигранти и бегалци, меѓу кои и 35-те позитивни случаи и 100 од вработените.

Заразените биле пренесени во специјално одреден простор за изолација, а освен едно лице кое има симптоми, останатите 34 се асимптоматски.

Бегалскиот камп Мориа од минатата среда е во 14 дневен карантин, откако беше потврден првиот случај на Ковид-19 кај бегалец од Сомалија.

Во Грција, освен случаите во бегалскиот камп, во изминатите 24 часа се регистрирани вкупно 169 нови случаи, од кои 15 по направените тестови на влезните точки во земјата, а почина уште едно лице.

Од почетокот на епидемијата, заразени се 11.832 лица и регистрирани 290 смртни случаи од Ковид-19. (МИА)

Коронавирус