недела, 11. април 2021. Вести денес: 26
home Регион

Во Албанија продолжува полицискиот час

Во Албанија продолжува полицискиот час

Комитетот на експерти за справување со пандемијата одлучи полицискиот час и другите ограничувачки мерки во Албанија да продолжат и во следните две недели.

Мира Ракацоли, претседателка на Комитетот и заменик министерка за здравство рече дека сите мерки ќе останат на сила и покрај достигнувањата во последните две недели со кампањата за вакцинација, што ја направила Албанија прва земја во регионот според стапката на вакцинација.

-Сметаме дека мерките предложени од Комитетот се ефикасни и целиот овој резултат доаѓа како резултат на соработката на дел од граѓаните со почитување на мерките, но како едно од најголемите достигнувања е успешниот тек на масовната вакцинација. Сакав да потенцирам дека Албанија во последните 10 дена го зазема првото место во регионот според стапката на вакцинација, рече Ракацоли.

Сепак, додаде и покрај достигнувањата, ситуацијата не е таму каде што треба да биде и затоа оценка на Комитетот е мерките да останат на истото ниво како порано.

-Тоа значи, дека полицискиот час, воведен од 11 ноември 2020 година, продолжува и ќе трае како и до сега од 20:00 до 6 часот, продолжува и наставата од далечина за универзитетите и другите нивоа на образование, освен за матурантите како и забраната за летови кон Велика Британија. Продолжува и забраната за групирање на повеќе од 10 лица, посочи таа.

Директорката на Институтот за јавно здравје Албана Фицо, која е член на комитетот, информираше дека процесот на вакцинација продолжува со зацртаната динамика и оти до сега се имунизирани околу 220 илјади лица, од нив 120 илјади постари лица од 75 години. (МИА)

Коронавирус