вторник, 22. јуни 2021. Вести денес: 0
home Регион

Викендов нови рестрикции во Грција – полицискиот час се зголемува на овие места

Викендов нови рестрикции во Грција – полицискиот час се зголемува на овие места

Наместо од 21 часот, полицискиот час во Солун, Атина и на Халкидики викендов се поместува за три часа порано, односно ќе почнува од 18 часот, во рамки на новите мерки на грчката Влада соопштени синоќа, јави дописничката на МИА од Атина.

Во неколку делови на Грција што се со влошена епидемиолошка слика и се во т.н. црвена ковид зона, од утрово во сила се нови, дополнителни рестрикции.

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун и на Халкидики, мерките во главно се однесуваат на викендите.

Продавниците ќе работат само од понеделник до петок и само со „click away“ (подигање на претходно направена нарачка), а се укинува услугата „click inside“.

Без промени, со исклучок на викендите, ќе функционираат фризерските и козметичките салони, берберниците, обложувалниците, како и центрите за техничка контрола на возила, а регуларно ќе работат и училиштата и градинките, со физичко присуство, освен дел од средните училишта кои продолжуваат со онлајн настава.

За време на викендите, кога полицискиот час ќе биде од 18 до 5 часот наутро, отворени ќе бидат само супермаркетите, продавниците за храна, фурните, аптеките и бензински пумпи со дозволено работно време до 17 часот.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на синоќешната прес конференција, соопштувајќи ги мерките рече дека со исклучок на неколку региони, во поголемиот дел од земјата, ситуацијата е стабилна, додека пак 11 области и понатаму се во црвената зона, а во пет општини се воведуваат дополнителни рестрикции.

Во општината Тира на островот Санторини, на Миконос, во Халкида на островот Евија, во Патра, како и во Агиос Николаос на Крит, се воведува строг карантин, со затворени училишта и градинки, затворени продавници, а забранет е и излез од овие општини.

Паралелно во цела Грција остануваа непроменета обврската на граѓаните за секое движење да испраќаат смс порака со една од шесте понудени опции, а нема промени и во однос на полицискиот час од 21 до 5 часот наутро.

Новите мерки за Солун, Атина и Халкидики, доаѓаат по зголемениот број новозаразени во изминатата седмица, како и по новите потврдени случаи на британската мутација на Ковид-19

Одлуките на грчката Влада се по препораката на Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство, која вчера одржа маратонски состанок, што траеше многу подолго од вообичаеното и резултираше со доцнење од над час и половина на редовната прес конференција за соопштувањето на мерките.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, шест дена подоцна беше воведен полициски час, а постепеното олабавување на мерките започна со отворањето на основните училишта и градинките на 11 јануари, една седмица подоцна следеа и продавниците, моловите, трговските центри, фризерските и козметичките салони, а од минатата седмица одново се воведоа рестрикции во црвените зони. (МИА)

ЕУРО 2020

Македонија