сабота, 16. јануари 2021. Вести денес: 103
home Регион

Утре генерален штрајк во Грција, денеска прекин на работа на контролорите на летање

Утре генерален штрајк во Грција, денеска прекин на работа на контролорите на летање

Синдикатот на вработените во јавниот сектор, за утре закажа генерален штрајк во Грција, барајќи суштински мерки во справувањето на пандемијата, додека пак денеска, има проблеми во летовите од и кон Грција поради неколкучасовниот прекин на работата на контролорите на летање, јави дописничката на МИА од Атина.

Во утрешниот генерален штрајк ќе учествуваат и Федерациите на вработените во државните болници и на просветните работници во средните училишта.

Атина утре ќе биде без метро и трамвај, проблеми ќе има во цела Грција и во бродскиот сообраќај поради учеството во штрајкот на пет од 13 здруженија од грчката поморска федерација, а проблеми ќе има и со летовите, со оглед на тоа дека Здружението на контролори на летање најави штрајк од вечерва на полноќ.

Контролорите на летање и денеска имаат шестчасовен прекин на работата, што резултира со откажани летови.

Генералниот штрајк е во време додека Грција е во карантин, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор, меѓу другото бараат, суштински мерки за заштита на здравјето на вработените на нивните работни места; вклучување на приватниот здравствен сектор во битката со пандемијата; вработување на неодредено време на медицински персонал; дополнителни вработувања во јавниот превоз, за да се зголеми возниот ред и да се намалат гужвите, како и зголемување на платите и враќање на 13 и 14-та плата за вработените во државниот сектор.

Засега, официјално не е соопштено дали во рамките на генералниот штрајк, ќе се одржат и протести.

Коронавирус