понеделник, 25. јануари 2021. Вести денес: 19
home Регион

Уапсениот косовски пратеник Зека го смета неговото апсење за политичко

Уапсениот косовски пратеник Зека го смета неговото апсење за политичко

Косовскиот пратеник и новинар Миљаим Зека, кој беше уапсен вчера заради јавни закани изречени кон обвинител од Специјалното обвинителство на Косово, им изјави на претставници на Советот за заштита на човековите права и слободи (КМДЛЊ), кои го посетија во притвор, дека не бил малтретиран од полицијата, а апсењето го смета за политичко.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Зека беше приведен по налог на приштинското Јавно обвинителство, поради заканите во интервју на телевизијата Т7 кон специјалниот обвинител Африм Шефкиу, кој го води предметот во кој пратеникот на владејачката Иницијатива за Косово (Нисма) е обвинет за измами со визи.

Зека во спорното интервју, во понеделникот вечер, изјави дека е понижен и дека „ќе ги расчисти сметиките“ со Шефкиу и „ќе ја истера правдата, според канонот (на Лека Дукаѓини) и приватно“.

Невладината КМДЛЊ соопшти дека Зека, кого го посетија вчера попладнево во притворот во Приштина, ги информирал дека бил повикан во полиција ден претходно, а вчера во 9:00 часот доброволно се пријавил во полициската станица, каде што бил испрашуван од двајца полициски иследници, кои ги испочитувале сите со закон предвидени процедури.

Тој има забелешка единствено на тоа што Обвинителството одлуката за негово приведување прво ја испратило до медиумите, а потоа до полициските истражители и до него.

– КМДЛЊ констатира дека при апсењето, испитувањето и задржувањето во Притворскиот центар, кон г. Зека се испочитувани правата кои се предвидени за лицата лишени од слобода, се вели во соопштението на невладината организација по посетата на Зека во приштинскиот притвор.

Пратеникот на владејачката Нисма тврди дека неговото приведување, како и обвинението за измама на граѓани со работни визи за Германија (според обвинението, 900 лица се измамени и оштетени со вкупно 350 илјади евра) имаат политичка позадина.

– Случајот со визите ми го наместија (претседателот на Косово) Хашим Тачи, (претседателот на Собранието) Кадри Весели и (државниот обвинител) Александар Љумези, изјави Зека во интервјуто во кое ги изрече заканите кон обвинителот Шерифи, кој, според него, ги спровел наредбите на споменатите државни функционери.

МИА

Коронавирус