четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 2
home Регион

Тренд на намалување на епидемијата во Србија, 120 нови заболени и три смртни случаи

Тренд на намалување на епидемијата во Србија, 120 нови заболени и три смртни случаи

Србија досега има евидентирано 9.677 заразени лица со коронавирус, 200 починати и 1.723 излечени граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

Од вирусот во изминатите 24 часа починати се три лица, со што вкупниот број на починати се зголеми на 200 граѓани, со просечна возраст од 67,8 години и со вкупна смртност од 2,07 отсто, се наведува на владиниот сајт ковид.рс.

Во изминатите 24 часа, тестирани се 4.817 лица, од кои позитивни на вирусот се 120 граѓани, со што вкупно кај 9.677 лица е потврден случај на коронавирус, а излечени се 1.723 пациенти.

Вкупно во Србија досега се тестирани 111.278 граѓани.

Во Ковид болниците и привремените центри хоспитализирани се 1.855 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се 53 лица.

Само во три опшини во Србија не се регистрирани заболени од епидемијата, во Кањижа, Мали Иѓош и Житиште, додека најголем број на заразени со вирусот има во Белград (2.492 лица), Ниш (1.278), Чуприја (262), Лесковац (246), Алексинац (225),Крушевац (221), додека во останатите градови тој број е под 100 заразени граѓани.

Вирусот е евидентиран и во затворот Забела кај Пожаревац, каде 83 затвореника се позитивни на вирусот.

Кон крајот на неделата во Србија ќе почне тестирање на 17.000 граѓани или на 7.000 домаќинства, во рамки на изработката на студија, чија цел е испитување на колективниот имунитет кај граѓаните на коронавирус, како и процентот на асимптоматски случаи кај попуплацијата.

Во Србија уште денес ќе има полициски час, што почнува во 18 часот и ќе трае до утре во 5 часот. Утре се очекува собранието да го усвои владиниот предлог за укинување на вонредната состојба, со што од четврток повеќе нема да има полициски час.

Коронавирус