среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 110
home Регион

Термоелектраните на јаглен во Западен Балкан загадуваат шестпати повеќе од дозволеното

Термоелектраните на јаглен во Западен Балкан загадуваат шестпати повеќе од дозволеното

Во најновиот извештај на истражувачката мрежа „ЦЕЕ Банквоч“ (CEE Bankwatch) објавен денеска се наведува дека вкупните емисии на сулфур диоксид (СО2) од термоелектраните на јаглен во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Македонија во 2018 година биле шестпати поголеми од дозволеното во Националните планови за намалување на емисиите.

Според извештајот најголем загадувач со сулфур диоксид во регионот е српската електрана „Костолац Б“ и покрај тоа што има постројка за десулфуризација. Електраната „Костолац Б“ испуштала дури 14-пати од дозволените емисии од сулфур диоксид и покрај тоа што има нова постројка за десулфуризација од јули 2017 година.

Во Извештајот се посочува дека емисиите на прашина од јаглен во Србија, Косово, БиХ и Северна Македонија се над 60 проценти од дозволеното. Термоелектраната „Косово Б“ испушта најмногу прашина од јаглен, речиси половина од дозволеното за овие четири држави.

Земјите од Западен Балкан се потписнички на Договорот за енергетска заедница, кој предвидува намалување на загадувањето во индустријата, од кои првиот требаше да се спроведе до 2018 година. Истражувањето покажува дека земјите не само што не се придржуваат до преземените обврски туку и дека е влошено нивото на загадување на воздухот.

– Со оглед на штетноста по здравјето на луѓето предизвикано од загадувањето на воздухот, инвестициите во намалување на емисиите или затворање на термоелектраните не е само прашање на правна туку и на морална обврска, изјави координаторката за енергетика од мрежата „ЦЕЕ Банквоч“ и една од авторките на Извештајот, Јоана Циута.