вторник, 22. септември 2020. Вести денес: 144
home Регион

Тачи: Меѓусебно признавање на Косово-Србија може да се случи само во Белата куќа

Тачи: Меѓусебно признавање на Косово-Србија може да се случи само во Белата куќа

Косовскиот претседателот Хашим Тачи изрази уверување дека сега по постигнатиот договор за економска нормализација на односите следува меѓусебното признавање меѓу државите Косово и Србија. Тој нагласи дека тоа може да се случи само во Белата куќа и под водство на Соединетите американски држави.

„Верувам дека ако се постигне економска нормализација во Вашингтон, дури и меѓусебно признавање меѓу државата Косово и Србија може да се случи само во Белата куќа и под водство на САД“, рече Тачи на настанот организиран за одбележување на еврејската година Рош Хашана.

Тачи во своето обраќање посочи дека е задоволен од постигнатиот договор за економска нормализација со Србија во Вашингтон, нагласувајќи дека по ова ќе следи признавање меѓу двете земји.

Претседателот исто така изрази загриженост за следната средба која треба да се одржи во четврток во Брисел, нарекувајќи ја ризична. Според него, повторното отворање на темата Асоцијација на општини со српско мнозинство во дијалогот, што се одржува меѓу Косово и Србија во Брисел, е чекор назад за Косово.

„Повторното отворање на прашањето за Заедницата по една деценија, е чекор назад за Косово. Тоа е удар врз државноста на Косово и кршење на суверенитетот и опасност за создавање на „Република Српска на Косово“. За такво нешто, мислам дека косовскиот парламент треба да биде многу внимателен. Никој нема право да седне да разговара или да преговара, а камоли да тврди дека ќе се постигне нов договор за Заедницата“, рече Тачи пред медиумите.

Во декември 2015 година, косовскиот Уставен суд, во својата одлука по барањето за интерпретација на тогашната претседателка Атифете Јахјага, се изјасни дека Договорот за формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население кое беше предвидено со првиот бриселски договор од 2013 година, во неговите 23 точки, не е во согласност со Уставот на Косово.

Коронавирус