четврток, 13. декември 2018. Вести денес: 0
home Регион

Тачи: Договор за промена на граници со Србија до идната пролет

Тачи: Договор за промена на граници со Србија до идната пролет

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека се надева оти пред идната пролет Косово ќе постигне договор со Србија, кој би вклучувал промена на границите и размена на територии.

– Промената на граници не е идеја која сакам да ја презентирам, но по конфликтите и преговорите, заклучувам дека тоа е единствено разумно решение за двете страни. Ако двете страни се договорат, никој не може да се спротистави, договор меѓу двете страни носи стабилност, изјави Тачи во интервју за француската телевизија Франс 24.

Косовскиот претседател им порача на оние кои се против оваа идеја да кажат дали имаат подобра понуда и посочи дека Пандорината кутија не се отвора со размената на територии, туку дека токму сега е отворена.

– Денес Србија и Косово постојано си ставаат пречки една на друга. Без таков договор Косово и Србија ќе имаат блокирана иднина и јас не сакам тоа да се случи, изјави Тачи.

Тој прецизираше дека за да биде прифатен од косовска страна, договорот ќе мора да содржи и взаемно признавање и членство на Косово во ОН.

Тачи додаде дека добил позитивни сигнали и од Русија дека таа би го повлекла своето вето за признавањето на Косово во Советот за безбедност на ОН.

Косовскиот претседател додаде дека правата на Србите на Косово ќе бидат почитувани во случај на промена на границите и дека Косово ќе остане мултиетничка држава.

Тој изрази надеж дека високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ќе „продолжи да го води процесот со нова динамика“ и дека „во наредните недели“ тој ќе има нова средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тачи ги повика сите земји членки на ЕУ да зборуваат со еден глас и да застанат зад заеднички договорен план помеѓу Приштина и Белград.

За сега Германија отворено се спротиставува на секаков обид за размена на територии и промена на границите помеѓу двете страни.

Тачи, кој имал средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Ереван, истакна дека тој му рекол дека е важно двете страни да постигнат договор и дека не ја исклучил можноста за промена на границите.

Оваа идеја за размена на границите би претставувала преседан, призна Тачи, но тој би бил „позитивен преседан“.

Запрашан за временски рок, косовскиот претседател порача дека се надева на договор пред идната пролет. (МИА)