вторник, 14. јули 2020. Вести денес: 5
home Регион

Тачи: Ако се потврди обвинението од Хаг ќе поднесам оставка од претседател на Косово

Тачи: Ако се потврди обвинението од Хаг ќе поднесам оставка од претседател на Косово

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави вечерва дека доколку се потврди обвинението за воени злосторста, кое е покренато против него пред Меѓународниот суд за Косово, ќе поднесе оставка од претседателската функција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во вечерашното обраќање до јавноста по повод информацијата дека против него и против лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и поранешен собраниски спикер Кадри Весели е покренато обвинение од страна на Специјалното обвинителство за Косово, чие седиште е во Хаг, Тачи рече дека е подготвен да се соочи со евентуалните обвиненија, но дека тоа нема да го стори од претседателскиот кабинет.

Тој оцени дека соопштението од Хаг, објавено во средата, на 24 јуни, го спречи одржувањето на мошне значајната средба со српската страна во Белата куќа во Вашингтон и „нанесе силен удар на можноста за постигнување мир меѓу Косово и Србија“.

– Косово треба да обезбеди стабилно функционирање на државните институции во сите околности. Во ова ново и тешко поглавје само обединети можеме да чекориме напред, како на национален, така и на меѓународен план. (…) Ве уверувам уште еднаш дека со правдата нема да се соочам од овој кабинет. Доколку обвинението се потврди јас ќе поднесам оставка како ваш претседател, рече Тачи.

Тој најави дека во наредните денови ќе се консултира со косовските политички лидери за наредните чекори што треба да се преземат о новосоздадената ситуација.

– Косово е млада држава, но нејзините лидери треба да се однесуваат како вистински државници. Ќе го понесам овој товар и ќе се одбранам себе и нашата борба за слобода, со сите мои сили, порача Тачи.

Тој нагласи дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), чии основачи и водачи, меѓу другите, беа тој и Весели, беше праведна и дека единствени кои во војната извршија злосторства врз цивилното население беа српските воено-полициски и паравоени сили, кои беа под команда на тогашниот претседател на Србија Слободан Милошевиќ.

– Немам направено никакво злосторство. Единствен закони кој го имам прекршено е оној на Слободан Милошевиќ, рече Тачи, упатувајќи им забелеши на меѓународните фактори и правни механизми за неправедно обвинување на ОВК и „затворање очи“ пред спрските злосторства врз Албанците во Косово.

Според него, Европската унија се однесува со двојни стандарди во однос на Косово и Србија.

– Додека Србија чекори кон зачленување во ЕУ, на граѓаните на Косово им се негира правото за слобода на движење, изјави Тачи.

Во средата беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово, со седиште во Хаг, покренало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.

Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април му е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка.