вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 106
home Регион

Стотина респиратори во БиХ, наместо за борба против Ковид, оставени во складишта

Стотина респиратори во БиХ, наместо за борба против Ковид, оставени во складишта

Стотина респиратори, купени од Федерацијата БиХ заради борба со пандемијата на коронавирус, сè уште се во складишта, бидејќи досега не е пронајдена квалификувана компанија во БиХ за да ги верификува, пушти во употреба и да ги сервисира, објавија денеска локалните медиуми.

Мустафа Кадрибеговиќ, директор на Цивилната заштита на Федерацијата БиХ, за порталот „Дневни аваз“ потврди дека пропаднал уште еден тендер на кој барале сервисер за респираторните уреди купени од Кина.

Никој не се пријавил на повторениот тендер, а на првиот,кој морал да биде поништен, се пријавила само една компанија и тоа само да изврши верификација, но не покажала интерес за одржување и сервисирање на респираторите.

Кинеските респиратори требаше да бидат дистрибуирани во болниците за лекување на пациенти со дијагностицирана тешка форма на Ковид-19.

Повеќе од пет милиони евра се издвоени од буџетот на ентитетот за набавка на овие уреди, а тие беа испорачани во БиХ во април и оттогаш се чуваат во складишта.

Набавката на респиратори се претвори во голема афера бидејќи тие беа набавени со државни пари од компанијата „Сребрена малина“ од Сребреница, која немала никаква врска со лекови и медицинска опрема, а била регистрирана за одгледување и преработка на овошје и зеленчук

За време на истрагата, беа приведени и сослушани премиерот на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ, поранешниот директор на ентитеската Цивилна заштита, Фахрудин Солак и сопственикот на „Сребрена малина“, Фикрет Хоџиќ. Локални медиуми објавија дека наскоро се очекуваат и првите обвиненија по овој случај.

Коронавирус