среда, 5. август 2020. Вести денес: 182
home Регион

Српски туристи позитивни на Ковид-19 летуваат во Грција, дел од нив хоспитализирани

Српски туристи позитивни на Ковид-19 летуваат во Грција, дел од нив хоспитализирани

Најмалку тројца српски туристи се во карантин, а двајца во болница, додека летниот одмор го поминуваат во Грција, односно на Халкидики и Евиа, откако добиле позитивни резултати на тестот за Ковид-19, а кај јужниот сосед пристигнале пред да се забрани влез за државјани на Србија.

Веројатно бројот на заразени српски туристи кои во овој момент се наоѓаат во Грција е поголем, со оглед на тоа дека завчера беше соопштено дека 20 посетители од Србија се позитивни на Ковид-19, но грчките медиуми во изминатите 24 часа се задржуваат на два конкретни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.

Брачен пар, кој со група од околу 80 туристи во саботата пристигнале на островот Евиа е позитивен на новиот коронавирус и е хоспитализиран во болницата во градот Ламиа, објавија локалните медиуми.

Мажот имал благи симптоми на Ковид-19 и побарал помош од болницата на островот, по што, според информативниот портал „Ламиарепорт“ бил упатен, со такси возило, во болницата во Ламиа што се наоѓа на околу 80 километри од туристичкото место каде што летувале Србите.

Во Ламиа, брачниот пар бил тестиран, а по позитивните резултати, сопругот бил хоспитализиран, надлежните започнале со проверка на контактите и потрага по таксистот.

На  Халкидики, тројца српски туристи, сместени на две различни локации добиле позитивни тестови од анализите направени на граничниот премин Промахонас (Кулата) и веднаш се ставени во карантин.

Според онлајн изданието на весникот „Етнос“, двајца од тројцата туристи се брачен пар со малолетно дете, асимптоматски и сакале да се вратат во Србија, меѓутоа согласно протоколите, сопственикот на туристичкиот објект додека не добие зелено светло од Националната организација за јавно здравје, не може да им ги врати пасошите на туристите, бидејќи во спротивно ќе биде казнет со 5.000 евра за прекршување на карантинот.

Од понеделникот до 15 јули, со одлука на грчката Влада, во Грција е забранет влез за српски државјани.

Коронавирус